Делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе престојува во еднодневна работна посета на Софија поврзана со енергетската криза.
Ковачевски во Софија заминува од Белград, каде ја предводеше владината делегација на Првиот меѓународен саем за вино „Винска визија Отворен Балкан на Белградскиот саем” во рамки на Самитот на иницијативата ОБ, каде беше најавена соработка со цел обезбедување доволни количини струја за стопанството и граѓаните во регионот.
Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков вчера изјави дека сериозно се подготвуваат за посетата на премиерот Ковачевски на Бугарија. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Милков во интервју за БНР оцени дека односите меѓу двете држави имаат многу димензии, тие се повеќеслојни и не можат да се мерат со прашањата за снабдување со електрична енергија од Бугарија во Република Северна Македонија.
– Се очекува да се разговара за широк спектар прашања и да се направат видливи чекори за решавање на сите прашања. Работите ќе се разгледуваат во нивната меѓусебна зависност, изјави Милков и додаде дека кога ќе дојде премиер од соседна држава, треба да се постават сите прашања кои би биле од интерес за двете земји.
Од АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) вчера информираа дека ќе бидат вклучени во реализација на договорените проекти за справувањето со енергетската криза кои ќе произлезат од иницијативата Отворен Балкан и од другите форми на соработка меѓу земјите во регионот, чие директно спроведувања во енергетиката ќе треба да тече преку АД ЕСМ./МИА