Хашкиот трибунал го прогласи за виновен и го осуди српскиот екс-генерал Ратко Младиќ на доживотен затвор, меѓу другото и за геноцидот во Сребреница во 1995. година. Младиќ беше отстранет од судницата по гласните протести.
Станува збор за првостепена пресуда, на која жалба ќе може да поднесат и Хашкото обвинителство и одбраната на Младиќ.
Ратко Младиќ е осуден на доживотен затвор од страна на Хашкиот трибунал за воени злосторства извршени во поранешна Југославија. Според првостепената пресуда, Младиќ е виновен меѓу другото и за геноцидот извршен во Сребреница во 1995. година, како и за најкрвавите злосторства за време на војната во БиХ. Српските единици во 1995. година навлегоа во тогашната заштитена зона од ОН, Сребреница, и убија околу 8.000 муслимански мажи и момчиња.
За време на изрекувањето на пресудата на Младиќ му се слошило при што му била укажана лекарска помош, но потоа тој бил отстранет бидејќи извикувал “Сѐ е лага!”
Повеќе десетици роднини на жртвите од БиХ допатуваа во Ден Хаг и го следеа изрекувањето на пресудата за Младиќ. „Највисоката казна е некој вид правда“, изјави заменичката-претседател на „Мајките од Сребреница“.
Процесот против Младиќ, започнат во 2012. година, е последен за Трибуналот, кој на крајот на годинава ќе ја заврши својата работа по 24 години постоење. Тековните просеци ќе бидат преземни од нова инстанца во Ден Хаг.