Само 15% од државата е покриена со пречистителни станици, додека поголемите градови ја испуштаат непречистената отпадна вода директно во животната средина. Земјата има меѓу најниските тарифи за вода во Европа, а инфраструктурата за водоводните и отпадните води е застарена и во лоша состојба и има потреба од реконструкција и итна замена.
Водоводните услуги се суштински и неопходни услуги. Тие го поддржуваат одржливиот развој на нашите општества и се од суштинско значење за постигнување на целите на Зелениот договор на ЕУ и Целите за одржлив развој на ОН. Секоја капка вода и ефикасното интегрирано управување со водите е предизвик ширум светот. Во последните две децении, урбанизацијата и економскиот развој беа во пораст, со исклучок на кризниот период поради КОВИД-19, а со нив и зголемениот притисок за екстракција на вода, притисок врз водоводната мрежа, зголемени количини на отпадни води и неопходните потреби за инвестиции за третман на отпадните води и реупотреба на водата.
И покрај тоа што е постигнат напредок во многу области, со целосна поддршка на ЕУ и агенциите на земјите-членки за билатерална помош, Северна Македонија сè уште има да помине долг пат. Само 15% од земјата е покриена со механички и биолошки пречистителни станици, додека поголемите градови продолжуваат да ја испуштаат непречистената отпадна вода директно во животната средина. Имено, и покрај истражувањата поддржани од ЕУ и напорите да се создаде економски инструмент за ефективно и прифатливо покривање на трошоците во секторот за водоснабдување, земјата има меѓу најниските тарифи за вода во Европа, а истовремено реални предизвици во однос на одржливоста на водоснабдувањето и неговиот систем за акумулација и третман на води. Во 2019 година, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), во својата дијагностичка студија за Северна Македонија, забележа дека инфраструктурата за водоводните и отпадните води е застарена и во лоша состојба и има потреба од реконструкција и итна замена. Ефикасноста на јавните водоводни и канализациони услуги е сериозен проблем со нивоа на загуби на вода од 63%, поради комерцијални или технички загуби. Значително повисокото ниво на загуби на вода е нагласено и во препораката на Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјата за 2021 година.
Привлекувањето инвестиции во изградба, рехабилитација, одржување и функционирање на водните услуги, како и подобрување на ефикасноста и квалитетот на водните услуги се од суштинско значење за зајакнување на економскиот раст, притоа зачувувајќи ги водните ресурси за сегашноста и за иднината на земјата.
Извор: planung.fela.ch
Претпријатијата за водоснабдување и слабата алка!
Претпријатијата за водоснабдување играат важна улога во нашите современи општества и економии. Функционалните претпријатија за водоснабдување се наменети да бидат ефикасен инструмент за снабдување со вода за пиење и третман на отпадни води на жителите и деловните субјекти во нивните области. Но, што го прави ефикасно едно претпријатие за водоснабдување? Како би ја помислил некој од нас таквата „ефикасност“ кога се знае дека речиси 50-70% од водата што тие претпријатија можат да ја испумпуваат во својата мрежа се губи на патот до клиентите?
За да се добие идеја за размерот на лошите перформанси и потенцијалот за подобрување, можеме да разгледаме една споредба со реалноста во некои слични земји. Мерењата во дистрибутивните мрежи во градовите Бентхаузе (Benthuizen) и Дименорд (Diemen-Noord) во Холандија од 2008 година, идентификуваа нивоа на загуби до 2%, додека загубите на вода во водоводната мрежа на Амстердам се проценети на околу 5%. Дури и Холандија, како земја со најдобрите резултати на планетата Земја, може да биде исклучок, бидејќи опсегот од 10 до 30% загуби во урбаните водни мрежи се вообичаени наоди во ЕУ.
Накратко, во Северна Македонија загубите би можеле да се преполоват, доколку би имала посериозна политичка волја на централно и на локално ниво. Политичката волја и приоритетизирањето на потребите на граѓаните за вода се несомнено клучни прашања. Дали тие недостасуваат во Северна Македонија? Или се можеби изгубени во преводот меѓу многуте интереси на засегнатите страни, без разлика дали се тие политички, институционални или лични?
Во многу земји ширум светот, јавните претпријатија за водоснабдување вообичаено ја прават својата стратегија, планирањето на работата и регрутирањето на човечките ресурси под силно влијание на политичката агенда на нивната општинска администрација, без ефикасност, стимулации за подобрување на услугите и ориентирање кон клиентите. Сето ова често се прави на товар на државниот, регионалниот или општинскиот буџет.
Ако набрзина погледнеме во структурата на овие јавни претпријатија за водоснабдување и отпадни води, не би требало да бидеме изненадени кога ќе дознаеме за нивната институционална организација, како тие функционираат, видот на расположливите човечки ресурси и степенот на иновација. Вообичаено, бројот на вработени во овие претпријатија е надуен, со многу мала или никаква проценка или споредба на нивната продуктивност. Тие обично не успеваат да ја обноват својата работна сила и се меѓу најмалку привлечните работни средини за младите луѓе, особено за најдобрите дипломирани техничари во земјата. Нивната управувачка матрица на вештини тешко се совпаѓа со нешто друго, освен со политичкиот мандат на комуналната администрација. Тоа е тажен маѓепсан круг каде што едно неефикасно и високополитизирано претпријатие за водоснабдување ја губи перцепцијата на доверба во очите на своите клиенти. Со лошата услуга и веќе влошениот јавен имиџ, ќе има и недостиг за подготвеност за плаќање, ниски тарифи, ограничена наплата на трошоците, недостаток на реинвестиција и големи загуби на вода. Ниските приходи ги оневозможуваат овие претпријатија да мобилизираат повеќе средства за инвестиции за третман на отпадни води и ги изложуваат на ризици од регулаторната рамка за животната средина. Ова, во најлош случај, може да ја направи регулаторната рамка само теоретска листа на желби, за која сите во земјата веруваат дека е невозможно да се почитуваат. Неопходно е овој циклус да се избегне или да се оневозможи насекаде и во секое време доколку Северна Македонија успее да се приближи до законодавството на ЕУ за животна средина.
Користејќи ја базата на податоци на DANUBIS.org, односно табелата на резултати за перформансите на овие претпријатија, се гледа дека потенцијалот за подобрување е јасен. Се разбира, важно е да се земе предвид дека базата на податоци може да е стара од 2014 или 2016 година, но во меѓувреме јавно-комуналните претпријатија можеа да направат многу подобрувања. Севкупните перформанси се одредуваат со споредување на состојбата на претпријатието за 10 клучни индикатори кои ги мерат покриеноста на услугите, квалитетот, ефикасноста и финансиската одржливост, наспроти регионалните најдобри практики. Табелата со резултати за успешноста на ЈП Водовод и канализација Скопје за 2016 година, покажува релативно лоши вкупни перформанси и ниски вкупни промени во услугите во споредба со слични стандардни претпријатија. Овие показатели вклучуваат, но не се ограничени на покриеност со водоснабдување, третман на отпадни води, загуби на вода и оперативни трошоци. Последните два аспекти имаат особено ниска оценка. Овој модел е карактеристичен за Скопје. Марјан Николов од Центарот за економски анализи во оценката на проектот на Општина Неготино за реконструкција на системот за водоснабдувањето истакна дека од 2.433.168 м3 вода произведени во 2013 година, 1.446.883 м3 се загуби. Ова е приближно 60%. Истото важи и за јавното претпријатие за водовод и канализација во Охрид, „Проаква“. Загубите на вода, покриеноста на оперативните трошоци и отпадните води се прашања кои се повторуваат и претставуваат сериозна загриженост.
Извор: planung.fela.ch
Дали учеството на приватниот сектор може да помогне?
Дали учеството на приватниот сектор може да помогне во подобрување на перформансите на претпријатијата за водоснабдување? Дали приватниот сектор може да донесе додадена вредност во управувањето со водоводната инфраструктура? Ова е старо прашање за кое достапната литература дава опсежна анализа. Уште во 2007 година, Советот на ОЕЦД ги усвои начелата на ОЕЦД за учество на приватниот сектор во инфраструктурата за да им помогне на владите да работат со партнерите од приватниот сектор за финансирање и спроведување на проекти во витални области од економска важност, како што се транспортот, снабдувањето со вода и електрична енергија и телекомуникациите. Тие вклучуваат 24 начела, меѓу кои начините како јавните власти треба да одлучуваат за вклученоста на приватниот сектор, потребата од модерна институционална организација, поставување цели и стратегии, споделување на одговорностите, адекватното внимание и одговорност итн. Две години подоцна, знаејќи ја посебната природа на претпријатијата за водоснабдување и третман на отпадни води и соодветната инфраструктура, ОЕЦД во 2009 година ја објави својата листа на јавни активности: Учество на приватниот сектор во водената инфраструктура.
Дванаесет години подоцна, дебатата е сè уште актуелна. Додека водата истовремено е и приватно и јавно добро, секоја дискусија за покривање на трошоците и приватното учество е наголемо политички инструментализирана. Вообичаено, дебатата ќе вклучи прашања за тоа како треба да се постават тарифите и како тие можат да привлечат инвестиции во инфраструктурата за вода. Ако учеството на приватниот сектор е веќе чувствително прашање, тарифите за вода се многу почувствителни.
За да се усогласи со законодавството на ЕУ за животна средина, Северна Македонија ќе мора да инвестира многу во спроведувањето на Директивата за третман на урбани отпадни води (UWWTD). Особено значаен е членот 9 од Директивата 2000/60/ЕЗ која воспоставува рамка за мерки на Заедницата во областа на политиката за води. Директивата (UWWTD) бара политиката за цените на водата да го следи принципот на покривање на трошоците за водните услуги. Под влијание на холандските системи за управување со водите, Гил Вербек, додека го спроведуваше Истражувањето за развој на националните тарифи за вода во Северна Македонија, поддржано од ЕУ, заклучи дека „самата тарифа не може да одговори на финансискиот и еколошки предизвик: редизајнираната тарифа за производство на вода може да обезбеди силен поттик за намалување на загубите на вода во секторот води, редизајнираната тарифа за загадување на водата може да ги обезбеди неопходните потреби за кофинансирање, а доброволните аранжмани може да го поддржат подобрувањето на развојот на секторската структура“.
Учеството на приватниот сектор во обезбедувањето општински услуги, а особено услугите поврзани со водоснабдување и третман на отпадни води, може да ја донесе потребната деловна култура ориентирана кон клиентите. Многубројни се позитивните примери, но многубројни се и лошите искуства. Една независна регулаторна власт која ќе креира соодветни стимулации, соодветен тарифен систем кој го почитува принципот на покривање на трошоците и достапност, транспарентна конкурентна средина и добро дефиниран договор за услуги помеѓу водоводните претпријатија и општината сè повеќе од неопходни, но некои се условени во остварувањето на придобивките.
Во секој случај, сепак, лекот може да ги ублажи дијагностицираните симптоми. Оценувањето на перформансите на претпријатијата за водоснабдување е од суштинско значење за земјата сериозно да го подобри својот систем за управување со водите. Како што вели Питер Дракер, современиот пионер на деловниот менаџмент, „она што не се мери тешко може да се управува или подобри“. Во светот кој брзо се менува и во кој постојано се развиваат технологии за вода и иновативни алатки за управување, постои реална потреба од институционализирање на најдобрите практики за споредување и подобрување на финансиските и оперативните перформанси на претпријатијата за водоснабдување во Северна Македонија. Иако овие често се барања на меѓународните и билатералните финансиски агенции за да се обезбеди одржливост на македонските корисници, нивното влијание врз културната трансформација на претпријатијата за водоснабдување не треба да се потцени. Врз основа на дијагнозата на претпријатијата за водоснабдување, акцискиот план може да се фокусира на приоритетните области за институционална надградба и нејзината имплементација.
Затоа, од најголема важност е да постои соодветна регулаторна рамка и да се зачува реалната независност на регулаторното тело. Креаторите на политиките треба да го пренасочат својот фокус на поддршка на културната трансформација на претпријатијата за водоснабдување. Тие треба да бидат во позиција не само да привлечат инвестиции, туку и да поставуваат услови за привлекување на најдобрите технички ресурси достапни во Северна Македонија од новата генерација инженери за вода, економисти, ИТ експерти, финансиски менаџери и односи со јавноста. Без нив, секоја едноставна инвестиција во инфраструктурата тешко би придонела за одржливост на водоснабдувањето во Северна Македонија.