Во организација на Националното собрание на Република Словенија, а во рамки на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери ќе учествува на Конференцијата на спикери на парламенти на ЕУ, која се одржува денес и утре на Брдо, Крањ. На овој настан ќе учествуваат претседателите на парламентите на земјите членки на ЕУ, на земјите кандидати и партнери на Европскиот парламент.
Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, претседателот на Националното собрание на Република Словенија, Игор Зорчич, претседателот на Националниот совет на Република Словенија Алојз Ковшца и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, со своите обраќања ќе ја отворат оваа конференција.
Дискусијата е поделена во два панела: за улогата на парламентите во спроведувањето на политиките на вонредна состојба и начините за градење отпорност и заштита на демократското владеење, како и за улогата на Европската унија како гарант на стабилноста, безбедноста и просперитетот во регионот и поширокото соседство. Претседателот Џафери е поканет од страна на претседателите на земјите членки на ЕУ да се обрати како воведен говорник во вториот панел.
На маргините на конференцијата, претседателот Џафери ќе оствари билатерални средби со потпретседателката на Националното собрание на Француската Република, г-ѓа Лаетита Сен-Пол, претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Никола Минчев и претседателот на Националното собрание на Република Словенија, Игор Зорчич.