Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими Иво Вајгл, пратеник во Европскиот парламент и известувач за Република Северна Македонија во Европскиот парламент.
На средбата беа разменети мислења за севкупната политичка состојба во Република Северна Македонија, тековниот реформски процес во контекст на интеграцијата на државата во Европската унија, како и за политичките состојби во Европската унија по одржаните избори за Европскиот парламент.
Претседателот Пендаровски високо ја оцени поддршката што Европскиот парламент ја дава во однос на интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската унија. Двајцата соговорници се согласија за потребата Европскиот совет да ги препознае напорите на Република Северна Македонија и напредокот на внатрешен и на надворешен план и да донесе одлука за почеток на пристапните преговори.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупната поддршка на пратеникот Вајгл за интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската унија и за неговата работа како известувач за државата во Европскиот парламент. Претседателот Пендаровски на пратеникот Вајгл, чиј мандат како пратеник во Европскиот парламент истекува на 1 јули, му посака успех во неговиот иден ангажман и изрази уверување дека неговата пријателска поддршка за Република Северна Македонија ќе продолжи и во иднина.