Претседателот Пендаровски на Самитот на НАТО во Мадрид

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски на 28, 29 и 30 јуни 2022 година ќе учествува и ќе ја предводи делегацијата на Република Северна Македонија на Самитот на НАТО Алијансата, што се одржува во Мадрид, Кралството Шпанија. Во состав на државната делегација се министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

На 28 јуни, претседателот Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска ќе присуствува на свечена вечера, која во чест на лидерите на земјите-членки на НАТО, учесници на Самитот, ја приредува Кралот на Шпанија Н.В. Фелипе Шести и неговата сопруга Кралицата Летиција.

На 29 и 30 јуни претседателот Стево Пендаровски ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на шефови на држави и Влади.

Претседателот Пендаровски на 29 јуни, во придружба на сопругата, ќе присуствува на неформалната трансатлантска вечера на ниво на шефови на држави и Влади, која ја приредува претседателот на Владата на Шпанија, Педро Санчез.

Во рамки на учеството на НАТО Самитот, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари повеќе билатерални средби.

На НАТО Самитот во Мадрид ќе бидат адресирани ургентните безбедносни предизвици на денешницата и иднината. Лидерските состаноци на Северноатлантскиот совет е предвидено да бидат фокусирани на усвојување на новиот Стратегиски концепт, унапредување на одбранбените капацитети, споделување на товарот и снабдување со ресурси, поддршка за Украина и останати партнерства.