Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, денес одржа прес-конференција на којашто презентираше Нацрт – препораки за медиумско известување на радиодифузерите за време на претстојниот референдум, врз основа на кои ќе се врши мониторинг на Јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните радиодифузери.
Со оглед на тоа што во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните нема прецизни правила за начинот на известување на медиумите, емитувањето јавна пропаганда и почитувањето на молкот, Агенцијата изготви насоки со кои се адресираат овие прашања., посочи директорот на Агенцијата, д-р Зоран Трајчевски.
Известувањето за референдумот треба да биде во согласност со одредбите и принципите утврдени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Од медиумите се очекува да се однесуваат согласно улогата којашто ја имаат во развојот и непреченото одвивање на демократските процеси, односно да се придржуваат до начелата за праведно, избалансирано и непристрасно известување преку создавање услови за еднаков пристап до медиумите на заинтересираните страни.
Нацрт-препораките се достапни на линкот и се отворени за јавна консултација до 17 август. Агенцијата очекува конструктивни забелешки и релевантни предлози, од сите засегнати страни, а особено од медиумите.