Гледајќи и слушајќи што секојдневно произлегува од устите на лажните патриоти и докажани манипулатори, наместо со колумна ќе се обидам да им го претставам на читателите целото ова бесрамно лажење и обид да се убедат граѓаните во неубедливото, прераскажувајќи една приказната за вистната и лагата која ја имам слушнато од мојот дедо Илија.
Парафразирано приказната оди вака. Вистината и лагата заедно патувале во некој град. Секој човек кој што ќе ги видел велел “Видете го ова чудо…, вистината и лагата заедно патуваат!” Народот едната од другата ги разликувал по облеката. Вистината го носела оделото на вистината, а лагата оделото на лагата. Пред да стигат во градот двете одлучиле прово да одат и малку да се oсвежат и попливаат во езерото кое се наоѓало надвор од градот. По пливањето лагата прва излегла од водата и наместо да го облече своето одело, го облекла оделото на вистината. Си мислела и тивко си шепотела: јас вака облечена лесно ќе можам да го убедам народот дека ја сум вистината. И така облечена лагата само пошла кон градот.
Кога подоцна вистината излегла од водата видела дека го нема нејзиното одело. Вистината веднаш сфатила дека лагата е таа која го украла и го облекла нејзиното одело. Сфатила дека целта била, народот да поверува на лагата дека е вистината. Вистината долго време размислувала што да прави. Дали да го облече оделото на лагата или пак да појде гола во градот. По извесно време на размислуање, вистината сепак одлучила дека подобро е да оди гола отколку да го облече оделото на лагата. Решено сторено. Вистината пошла гола во градот.
Кога вистината пристигнала во центарот на градот видела како речиси целиот народ ја слуша лагата која била облечена во нејзиното одело. Вистината застанала настрана и тивко си коментирала: ,,Види го народов колку внимателно ја слуша лагата која ми го украде моето одело. Сигурно народов си мисли дека вака гола и необлечена ја сум лагата, а таа е вистината”. За да го расчити недоразбирањето и манипулацијата таа пошла кон народот да му ја објасни целата ситуација. Меѓутоа народот гледајќи ја гола, воопшто не сакал ништо да слушне и побегнал што подалеку од нејзе.
Наравоучение: Овој народ наш македонски е таков, секогаш попрво ќе ја прифати лагата облечена во оделото на вистината, отколку голата вистина.