Предаден архивски материјал од Сојузот на борците од НОВ Ресен во архивот Битола

Сподели

Во просториите на Државен Архив – Одделение Битола се изврши примопредавање на архивски материјал од Сојузот на борците од народноослободителната војна Ресен.

Примопредавањето, после процесот на негова проверка и подготовка на локацијата на негово пронаоѓање, беше извршено помеѓу архивистите од Одделението Битола и д-р. Гоце Митревски, емеритус професор од Универзитетот Аубурн, САД – претставник на Сојузот на борците Ресен.

smart

Во предвечерието на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Битола – 4 ноември, како и одбележувањето на јубилејите поврзани со антифашистичката и народноослободителна борба (НОБ), примениот архивски материјал не потсетува на важноста на архивската дејност во чувањето на тековите на НОБ во Битола и Битолско, како и значајната улога на поединци и групи кои имаат архивска свест за предавање на историски приоритетни документи на Архивот.

Истакнуваме особена благодарност на д-р. Митревски за заложбите да се зачува и предаде архивскиот материјал за фондовите: 909 „Општински одбор на Сојузот на борците од народноослободителната војна Ресен“; и 1095 „Веслиевски Наум Овчарот – првоборец од Ресен“. Дел од овие материјали, со негова заслуга, Архивот ги доби во дигитална форма, што ќе го олесни процесот на нивно зачувување и истражување. Дополнително, д-р. Митревски самоиницијативно спроведе теренски активности за лоцирање дополнителни материјали и контакти со сведоци и наследници, кои ќе имаат истражувачко значење за комплетирање на историјатот на фондообразователите.

Материјалот се состои од документи од работата и функционирањето на Сојузот на борци – Ресен, фотографски материјали од собири, како и аудио-материјали со мемоарска содржина. Станува збор за биографски и мемоарски податоци за првоборците Мите Богоевски, сеќавања на сопругата на Мите Богоевски, Стив Наумов, претседателите на Сојузот на борци, акивистките на АФЖ Ресен, како и спомени на голем број учесници/чки во НОБ од ресенската околија. Овие материјали ја чуваат во детали историјата на партизанскиот отпор, начините на кои партизаните се организирале се бореле и преживувале за време на војната и окупацијата, и тоа раскажувана директно од гласовите на сведоците.