Александар Тргачевски, кој е проектен лидер за Македонија, истакна дека во рамките на проектот е изработен и стратешки документ Национална стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во Македонија за периодот 2017-2020 година.
СКОПЈЕ (АА) – Во просториите на ЕУ инфо-центарот во Скопје се одржа завршниот настан на ЕУ твининг проектот „Поддршка за ефикасна превенција и сузбивање на измамите и нерегуларностите со фондовите на ЕУ“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на овој проект, институции од Литванија и Македонија во изминатите осум месеци соработуваа за да направат процена на законската и институционалната рамка на системот за борба против неправилностите и измамите со европски фондови и како тој функционира, соработуваа при изработката на прирачници, организираа работилници за детекција на измами и неправилности и спроведуваа обуки за обвинители во делот за детекција и водење истраги за измами со фондовите на ЕУ.
Директорот на Управата за финансиска полиција, Александар Тргачевски, кој е проектен лидер за Македонија, истакна дека во рамките на проектот е изработен и стратешки документ Национална стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во Македонија за периодот 2017-2020 година.
„Во текот на овој проект беа присутни повеќе експерти од Литванија кои направија процена на законската рамка на системот за борба против неправилностите и измамите со европските фондови, направија процена на институционалната рамка на системот, односно како системот функционира. Како резултат на оваа процена, изготвија еден стратешки документ што се нарекува Национална стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во Република Македонија за периодот 2017-2020 година. Се надеваме дека овој документ Владата ќе го усвои во текот на оваа година и ќе започнеме со спроведување во 2017 година”, рече Тргачевски.
Тој истакна и дека се изготвени прирачници со целда се зголеми свесноста за кривичните дела поврзани со злоупотребата на финансиските средства од ЕУ, бидејќи, како што рече, средствата што ги доделува ЕУ во Република Македонија „се многу битни и не сакаме да се доведеме во ситуација да ги загубиме овие средства“. Тргачевски додаде дека во Македонија веќе се водат неколку истраги за потенцијални измами со средства од фондовите на ЕУ.
Државниот секретар во Министерството за финансии, Игор Димитров, истакна дека преку проектот, Управата за финансиска полиција добила одлична можност за соработка и помош од Министерството за финансии на Литванија. „Целта на овој проект беше да се зајакнат националните капацитети за сузбивње на измамите и нерегуларностите при користењето на европските фондови, а со тоа и заштита на европските интереси на ЕУ и на Македонија“.
Претставникот на делегацијата на ЕУ, Мартин Клауке, рече дека борбата против измамите и корупцијата е клучен елемент во подготовката на земјата за пристап кон ЕУ, во однос на ефикасно управување со финансиите, отчетност, транспарентност и интегритет, и дека поради тоа, важно е посочените измени да се усвојат во законодавството за подобрување на системот против измами и неправилности.
Меѓу другото, претставникот на делегацијата на ЕУ, Мартин Клауке, во однос на ИПА-фондовите за Македонија истакна дека Комисијата неодамна изрази загриженост за непланирањето во клучните сектори и немањето политичка определба за секторски реформи и по општите прашања, поради што донесе одлука за намалување на финансиската поддршка, како и да не продолжи со проектот за Коридорот 8.