Проект СиРеРа: Со електронскиот систем ќе има рамномерна распределба на средствата во регионалниот развој

Сподели

 

Заменичката на претседателот на Владата за економски прашања Мила Царовска, министерот за локална самоуправа Горан Милевски и амбасадорката на Швајцарија Н.Е. Сибил Зутер Техада, денес одржаа седница на управниот одбор на Проектот за изработка и воведување на Систем за координација во планирањето, спроведувањето, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој (СиРеРа).

 

 

Проектот се спроведува во координација од Кабинетот на заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања и од Министерството за локална самоуправа, а со финансиска поддршка од Амбасадата на Швајцарија.

 

 

„На управниот одбор  дискутиравме за досегашната реализација на оваа програма. Програмата се однесува на одржлива инклузивна рамномерна  регионална распределба на финансиски средства и развој во државата. Со овој проект се воспоставува електронски систем во кој вложувањата во рамномерниот регионален развој, коишто се одвојуваат во сите области каде државата финансира на локално ниво, сега ќе се собираат на едно место, програмите ќе се прават по еднакви стандарди и на тој начин кога ќе се креира буџетот за 2021 година ќе можеме детално да видиме во кој регион колку се вложило, во која област. На тој начин, државата за првпат добива јасна слика за вложувањето во регионалниот развој и има можност на тој начин да сите програми ги адаптира на потребите, онаму кадешто најмалку се вложувало, да сега се вложува повеќе, се со цел да сите граѓани и сите наши деца добијат еднаков пристап и до услуги и до развиени региони. На тој начин во целата држава ако се вложува подеднакво ќе останеме во можност да сите региони добијат подеднакво и да ги развијат своите капацитети и да го остварат оној потенцијал којшто го имаат како такви. Мислам дека навистина оваа програма за првпат ќе даде можност да ние како држава врз основа на податоци донесуваме одлуки колкав буџет ќе се издвои, во која област и на кој начин понатаму ќе се троши преку центрите за регионален развој. Сметам дека оваа стартна позиција понатаму треба да се раководи низ институциите, секако е проект и програма од швајцарска амбасада, но навистина низ институциите понатаму ќе може да даде една поинаква слика и да биде јасно кој регион е помалку развиен, а кој регион е повеќе развиен“, изјави вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.

 

 

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, истакна дека вредноста на проектот е околу 5 милиони швајцарски франци, од кои 3,3 милиони се донација од швајцарската амбасада, од Швајцарската конфедерација, а опстанатите средства се од буџетот на Владата на Република Северна Македонија. 

 

 

„Првата компонента, која е на кабинетот на Потпретседателката, се однесува за изградба на системот СиРеРа, а другите две компоненти се на Министерството за локална самоуправа. Генерално ги поддржуваме планските региони и центрите на планските региони со иновативни проекти. Во изминативе две години навистина се направија проекти коишто беа во интерес на граѓаните меѓутоа со Швајцарците не застанавме само тука. Навистина сме флексибилни и оваа година тие помогнаа во изградбата на монтажната болница којашто е пред Инфективна клиника, во износ од 260 илјади швајцарски франци. Во зависност од потребите и барањата има флексибилност и помагаме она што е во моментот многу важно. Со она што е останато како заштеда или нереализирани проекти, денеска разговараме дафинансираме и други проекти, на пример да ги подобриме условите на учениците во едно село во општина Долнени, кадешто навистина се под стандарди. Денеска се договоривме да се реновира тоа училиште и се разбира сите други проекти коишто ќе ги дофинансираме до крајот на август и ќе донесеме заедничка одлука“, нагласи министерот за локална самоуправа Горан Милевски.