Д-р Старделова: Да се постигне консензус за унапредување на здравствениот систем и статусот на лекарите

Сподели

 

За заштита на здравјето, како основно човеково право, неопходно е во креирањето на мерки и политики да постои конзистентен пристап за зачувување на животната средина, унапредување на здравствениот систем и на лекарската професија, истакна претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, по повод одбележување на Светскиот ден на здравјето, 7 Април, чие мото годинава е „Наша планета, наше здравје“.

Светската здравствена организација проценува дека повеќе од 13 милиони смртни случаи во светот годишно може да се избегнат доколку се намали загадувањето. Поради зголемување на просечните температури забрзано темпо на ширење имаат заразните болести кои се пренесуваат преку вектори. Природните непогоди, деградацијата на земјиштето и недостигот на вода ги раселуваат луѓето и влијаат на нивното здравје. Системите кои произведуваат високо преработена, нездрава храна и пијалаци предизвикуваат бран на дебелина, зголемувајќи го бројот на заболени од рак и од срцеви заболувања.

Здравствените системи и докторите се справуваат со последиците од сите овие состојби. Здравствената криза предизвикана од Ковид-19 откри многу слабости во општествениот систем и ја акцентираше потребата од зајакнување на здравствениот систем. Докторите, како основна алка на овој систем, во изминатите години се соочија со најголеми предизвици, но и понатаму храбро и одлучно стојат на првата борбена линија со Kовид-19 и секојдневно се борат за животите на пациентите. Пошироката заедница стана свесна за важноста за надминување на предизвиците кои се појавуваат во овој сектор и за потребата од обезбедување на доволен број на високостручен медицински кадар и соодветни услови за работа, како би можело да се постигнат и подобри ефекти во лекувањето.

„Одбележувањето на Светскиот ден на здравјето го ставаме и во функција на тоа да истакнеме што е потребно за унапредување на состојбите. Неопходно е поскоро да влезат во собраниска процедура и да бидат побрзо изгласани измените на Законот за здравствена заштита, со што ќе се регулира правото на дополнителна дејност, како и можноста матичните пациенти да се водат на здравствената установа, а не на матичниот лекар. Неопходно е побрзо донесување на измените на Кривичниот законик со кои нападот врз здравствен работник се смета за напад врз службено лице, што значително ќе придонесе за создавање на побезбедни услови на работното место. Законските измени подолго време без причина чекаат зелено светло од пратениците, поради што е потребно конечно да се заврши постапката на нивно донесување и да стапат во примена. Здравствениот систем не може да биде стабилен и одржлив доколку во него не ги задржиме младите лекари. За да се постигне тоа неопходно е да бидат мотивирани со подобрување на условите за вработување и работење, како и унапредување на знаењата и создавање на можности за развивање на научната дејност. Законот за докторска дејност, исто така е неопходно да стане дел од позитивните правни прописи, поради тоа што со него може да се направи баланс меѓу правата и обврските кои ги носи современиот начин на живот и начин на работа“, истакнува проф. д-р Гривчева Старделова.

Лекарската комора во континуитет е во комуникација со сите надлежни институции и активно се залага за надминување на предизвиците и подобрување на состојбите и очекува во претстојниот период да се постигне поширок општествен консензус и разбирање кај оние кои ги носат одлуките за потребата од процесирање на истакнатите забелешки. Патот на развојот на здравствениот сектор, како еден од главните општествени столбови, мора добро да се трасира и конзистентно да се работи на реализација на зацртаните мерки кои ќе имаат широк бенефит за здравствените работници и за пациентите.