Кинотека: Пролетта сигурно се филмовите на Милош Форман

Сподели

 

Целосна кино програма за месец април! Се гледаме на филм! Сте помислиле ли некогаш дека одредено годишно доба може да се илустрира со филмовите на некој филмски режисер? Или, обратно, сеедно.
 
Еве, зимата можеби асоцира на Ингмар Бергман, есента можеби на Андреј Тарковски, летото на вестерните на Џон Форд, или, пак, нивната „шпагети“ верзија, Серџо Леоне. А пролетта? Пролетта нема алтернатива нити кондиционал, пролетта сигурно се филмовите на Милош Форман!
 
Форман не асоцира на пролетта заради политичката пролет 1968 година во некогашна Чехословачка или само заради чешкиот „нов бран“ во филмот. Форман бил круцијален протагонист на тој „нов бран“ со неговите рани дела, во кои мајсторски го спојува документарното и играното, создавајќи посебен сензибилитет.
 
Роден во 1932 година, во гратчето Часлав, како Јан Томас Форман, ги изгубил родителите Ана и Рудолф во нацистичките концентрациони логори Аушвиц и Бухенвалд бидејќи имале еврејско потекло. Во средината на 1950-тите години Милош Форман студира сценарио на прочуената филмска школа ФАМУ, каде што дипломира во 1957, а потоа си го пробива патот во чешката кинематографија, работејќи на разни позиции.
 
 
 
 
 
Кинотеката ќе прикаже поголем дел од неговата филмографија, и тој избор ги опфаќа неговите луцидни пионерски чекори во среднометражниот КОНКУРС (Konkurs / Audition, 1964), потоа ЦРН ПЕТАР (Černý Petr / Black Peter, 1964), ВЉУБЕНАТА РУСОКОСА (Lásky jedné plavovlásky / A Blonde in Love, 1965) и ГОРИ, МОЈА ГОСПОЃИЦЕ (Horí, má panenko / The Firemen’s Ball, 1967), неговиот последен чехословачки наслов пред заминувањето во САД.
 
 
 
 
 
Наградите и признанијата што ги добива Форман за овие дела само ја отсликуваат свежината што чехословачката и европската кинематографија ја добија со тој „нов бран“, па не чуди што на два пати го освојуваат „Оскарот“ за најдобар странски филм – Јан Кадар и Елмар Клос со ПРОДАВНИЦАТА НА КОРЗОТО (1965) и Јиржи Менцл со СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ (1967), а Форман бил номиниран за оваа награда во 1966 со ВЉУБЕНАТА РУСОКОСА. Видете само каква филмска репрезентација била оваа!