Програма на КИНОТЕКА во јули

Сподели

Легендарните ЛЕБ И СОЛ имаат композиција која никако не се заборава. Станува збор за вечната хит нумера од нивната дискографија СКОПЈЕ. Скопје има микро клима – изгор лето, кочан зима. Стихот изгор и тоа како го чуствуваме. Токму затоа КИНОТЕКА НА МАКЕДОНИЈА нуди релаксација, а истовремено и интелектуален стимул. На летната кино сцена, во добропознатиот манир на МИРНО ЛЕТО, месецов ќе бидат прикажани остварувања од нашата национална кинематографија, со постар, но и со понов датум на реализација.

Ќе се прикаже и филмот ЖЕД, на исто така легендарниот и наш филмски и театарски режисер, Димитрие Османли. Тоа е втор долгометражен игран филм во продукција на Филмско студио – Скопје и на дистрибутерската куќа „Македонија филм“. Еден од најугледните филмски критичари во светот, Роналд Холовеј, во специјалното издание на Кинотеката на Македонија на англиски јазик „Kino – Macedonian film“, за ЖЕД оценува дека се работи за „пофален одговор“ на македонската кинематографија на интернационалниот успех на југословенскиот „црн бран“… Не смее да се изостави ниту проекцијата на ВОЛЧЈА НОЌ, во режија на Франце Штиглиц и според сценарио на македонскиот писател Славко Јаневски. Токму ова остварување е вториот гран филм во историјата на седмата уметност кај нас.

Во рамките на месечнава понуда, на летната кино сцена МИРНО ЛЕТО, ќе се прикажат и квалитетните современи остварувања како фестивалскиот миленик ИСЦЕЛИТЕЛ, ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ, РУГАЊЕ СО ХРИСТА, хитот на кино благајните БАЛ-КАН-КАН, култниот постмодерен омнибус СКОПЈЕ РЕМИКС.

Средината на овој месец е резервирана за содржините селектирани од филмскиот фестивал СИНЕДЕЈС.

Репертоарската понуда се заокружува со прикажувањето на филмските материјали кои се однесуваат на земјотресот што го зафати нашиот главен град во 1963-та, како и со промоцијата на „Македониум: Драматургија на недовршеното“. Тоа е колаборативен филм на режисерката Теона Стругар Митевска и уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски, работен врз основа на истоимената книгата на Иваноска и Чаловски, која се фокусира на приказната за „Македониум“, најистакнатиот меморијален комплекс изграден во социјалистичка Македонија.

Токму оваа месечна понуда на КИНОТЕКА покажува дека нашата кинематографија и тоа како има значајни дела, наслови кои предизвикуваат своевиден земјотрес, на емоции, на впечатоци. Пред сè, тие претставуваат извор на инспирација за помладите, а благопријатен флешбек за постарите кино-проследувачи.