Сфаќањето на иднината, порано, за нас беше јасно – таа недвојбено беше светла, безбедна, просперитетна, мирна, предвидлива, мила…
Беше нешто што сигурно ќе се случи. Иднината беше убаво заокружена приказна полна со егзистенцијална безбедност и општествена благосостојба во вид на бесплатно здравство и образование, беше приказна за слобода, братство и еднаквост меѓу сите луѓе. Иднината беше социјалистичка, каде мерка за прогресот беше остварувањето на човековата природа, односно токму онака како што прогресот го сфаќаа Маркс и марксизмот, стоицизмот, или оние големи мислители од германската класична филозофија…
Меѓутоа, во последните три децении ја снема иднината. Настапи време на неолиберално беснило и антихуманистички пандемии. Почнавме да живееме под проклет и тежок терет на криминални шаблони на „демократско“ владеење, на антикварни фашизоидни претстави за државата и прогресот, на мистифицирано и фалсификувано минато, на перверзни слики за правдата и еднаквоста. Да се има имот, да се јаде и спие. Ако е можно да се спие со друг. Имот, желудник и љубовен партнер. Таа е целата смисла на сегашната неолиберална и фашизоидна стварност. Се изврзале јазли во душата на луѓето, па нема живот, туку смртта станала секојдневен придружник на милијари и милијарди луѓе. Се чини како стварноста да е претворена во „Лудило“ за кое стихотвори Хусто Хорхе Падрон, па сите „таму во далечината“ гледаме една бескрајна поворка од „коли што возат мртовци“ и сведочиме „еден свет на мртовци…“ Смртта ја гледаме со сопствените очи како редум коси околу нас, а вџашено и со неверување сфаќаме дека совеста на мнозинството штрајкува и е нема. Молчи таа колективна „совест на човештвото“ за масовните губилишта од пандемијата, за децениските војни за профит и за масовната сиромаштија од која неброено многу луѓе умираат.
Овој ваков анимален капиталистичко-неолиберален светки поредок во кој живееме не може да се квалификува како прогрес за човечкиот вид. Тој сигурно не претставува еволуција кон подобро, или повисоко ниво. Напротив! Ова што се случува е инволуција. Поимот „прогрес“ денес е само современа неолиберална „шарена“ лага, еден погрешно исцртан хоризонт на човечкиот ôд кон достоинствен и пристоен живот. Кажано во ничеовски стил, оној стил од „Антихрист“, ова е „прогрес“ во кој нема да живеат, успеваат и напредуваат луѓето, туку оние што наследиле богатство, или оние кои умеат да се приспособуваат, да победуваат со сурова физичка сила, или со измами и итрина. Со ваква мизантропска насока на движење кон иднината, вреди да си го поставиме прашањето кое пред повеќе од сто години си го поставил нобеловецот (од 1907) Џон Киплинг: „Што вреди дека галопираме, кога се движиме во погрешен правец?“
Оттука, од црните перспективи за достоинствен живот, од стварноста во која животот е преобразен во мака, очај и резигнација, произлегува нашата општествено-политичка меланхолија. Тоа не е обична меланхолија, не е ситнобуржоаска патетично-разлигавена меланхолија, која единствено тажи за убавото минато, туку е акциона меланхолија која преку сеќавањето на минатото, сеќавањето за општествата со вистински хуманистички вредности, се бори за подобра и поубава иднина. Тоа е онаа „меланхолија на левицата“ за која филозофира и зналечки зборува современиот италјански историчар Енцо Тревизо и која значи „меланхолија која го напојува паметењето за борбите, за поразите и победите и која гради нова перспективи. Таа е врската меѓу минатото и иднината.“ Таа „меланхолија на левицата“ е поставена наспроти официјалната европска профашистичка политика на фаворизирање на негативното наследство и директното политичко и идеолошко насилство во општествените науки.
Поинаку кажано, социјалистичкото, комунистичкото, југословенското, партизанското наследство, е она наследство што благородно и плодородно ја инспирира иднината, а произлезените од него – антифашистичката и македонофилска традиција, меморија и носталгија, се своевидна наша автентична култура на отпор. Култура на отпор кон антимакедонизмот, антихуманизмот империјализмот, клерикализмот, национализамот, фашизамот и врховизмот.
denesmagazin.mk