Промоција на автобиографијата на Џемиле Берат, првата лекарка ромка

Сподели

Д-р Џемиле Берат, првата лекарка Ромка во Македонија, психијатар во пензија, денеска  ја промовираше својата автобиографска книга „Мојот сон“ во родната Крива Паланка.           

На промоцијата која се одржа во НУ  Центар за култура присуствуваа голем број пријатели, роднини, соученици, познаници и сограѓани со кои д-р Џемиле дели заеднички спомени и моменти од нејзиното детство и младост.

„Имав среќа да се родам, да учам и да се оформам како личност во Крива Паланка. Да не беше мојот роден град  и моите кривопаланчани немаше да стигнам до успехот и да бидам таму каде што сум денес. Имав поддршка и помош од сите, од децата, наставниците, соседите и пријателите, сите растевме заедно, не се правеше разлика. Старите кривопаланчани беа благородни и добри луѓе“, истакна д-р Берат на промоцијата.

Автобиографијата во која пишува за за својот трнлив животен и професионален пат, но и за вербата, истрајноста и постигнатиот успех, ја напишала во најтешкиот период од нејзиниот живот, по смртта на сопругот Бајрам, исто така лекар, а  ја посветила на нејзиниот брат Себо.

„Мојот сон ќе останеше само сон и немаше да го остварам да не беше постојаната помош и поддршка, од мојот брат Себо – Мечка, кој веруваше во мене.  Секако, многу сум и благодарна и на мојата мајка Гана, која иако неписмена знаеш да го цени образованието и во 1976 година дозволи да одам сама во Скопје и да студирам на  Медицинскиот факултет. Иако немавме пари,  живеевме само од семејна пензија и често бев гладна. Јадев компири 10 дена зашто немав пари да купам леб. Но, секогаш се мотивирав дека мора да издржам и да успеам, а бев и стипендист на тогашниот Титов фонд“, го сублимира својот животен пат д-р Џемиле.

Таа посочува дека од Крива Паланка излегле најголем број факултетски образовани Роми во Македонија, иако е мал град. Своето семејство,пак, го нарекува авангарда на ромската интелигенција , бидејќи во него има 4-ца лекари специјалисти, а нејзиниот син Давид е доктор на науки.

Со автобиографската книга „Мојот сон“ сакала да остави трага за своите корени, семејството и животот за кој ќе рече дека бил и тажен, и среќен, но на крајот успешен. Во неа зборува и за предизвиците на војната во хрватска, воениот конликт во македонија, пандемијата, кога и нејзиниот живот бил во опасност, како и за дискриминацијата со која се соочила како Ромка лекарка.

Истовремено, делото претставува и хронологија за кривопаланечкиот живот во минатите времиња.

„Книгата на д-р Џемиле Берат  е важен придонес на книжевната дејност и е пример за посветеност на поединецот кон општествените  и хумани принципи, својствени за авторката. Таа дава хронолошки приказ на нашиот роден град, се што сме доживеале во детството, во младоста, се препознаваат старите паланчани, улици, старите дуќани. Но, и турбулентните времиња, премрежја, војни што ги доживеала нашата генерација“, истакна промоторката Марица Николовска.

 Д-р Џемиле не ја продава книгата, туку собира доброволни донации на промоциите во Скопје и Крива Паланка, а средствата се доделени на тројца одлични и посветени ученици од сиромашни семејства  и тоа од ромска, албанска и македонска националност.

 Организатор на промоцијата е НУ Центар за култура од Крива Паланка, а настанот е дел од манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата 2024“.