Промоција на „Девојчето со долгата коса“ втор студиски албум на СТЕФАНИЈА

Сподели

 

Промоцијата на вториот студиски албум на Стефанија Милевска Враниќ ќе се одржи на 25 ноември, во Анастасија Центар Битола, студио Welcome to Stefanija’s Music World, во 18 часот.

 

 

Стилот на албумот е современ синт поп со етно-џез примеси, составен е од авторска музика и текстови на Стефанија, снимани во музичкото студио Welcome to Stefanija’s Music World, микс прави Петар Димитровски, микс и мастеринг – Владимир Аговски. Гости на албумот се Владимир Враниќ на гитара и Владимир Николиќ на труба. Дизајн на албум прави Анамарија Мишачковска. За самиот албум се изработени и видео записи, кои ќе бидат наскоро промовирани.

 

 

Албумот е како една автобиографска музичка приказна која пренесува пораки и сите песни се поврзани една со друга. Девојчето со долгата коса кое расте, се пронаоѓа, прераснува во свесна личност, повторно се враќа на основните и суштински детски потреби, односно вистинските вредности како хуманост, љубов и среќа. Емотивните состојби во кои поминува една личност во процесот на себеосвестување, сите падови и возвишувања, се пренесени преку текстовите и музиката на Стефанија.

 

 

Акцентот е ставен на детето што постои во секој човек, постојано да го будиме, да му даваме духовна храна, за тоа да не води преку нашата душа и срце, да го реализираме тоа што вистински го сакаме од животот. Идејата на албумот „Девојчето со долгата коса“ е откривање на себеси како единка која се наоѓа на ова македонско тло, носејќи ги со себе менталитетот и културата кои влијаат врз градењето на една личност. Да акцентира колку еден човек е важен да се пронајде и открие себеси, па така на позитивен начин да влијае на колективната свест. Кога живееш во своето родно место, го правиш тоа што навистина го сакаш и имаш инспирација да твориш, да создаваш и да се радуваш на животот. На тој начин поврзан со својот корен, со својата душа, ти создаваш дела кои се рефлектираат надалеку и вибрираат додека не постигнат промени во денешното живеење. Девојчето со долгата коса го одбра токму тој пат на љубовта и духовната слобода, креацијата, инспирацијата и создавањето.

 

 

„Девојчето со долгата коса“ беше името на авторскиот соло перформанс во 2016та година, изработен по текст, режија, кореографија и музика на Стефанија, кој всушност беше иницијација за создавањето на вториот студиски албум на Стефанија во 2023та година под истото име.

 

Стефанија Милевска Враниќ е музички артист, дипломиран музиколог по поп и џез пеење во Софија, Бугарија. Моментално посетува Магистерски студии на филмската академија УГД Штип, отсек методологија и педагогија на современ танц.

Стефанија е уметнички директор и основач на „Анастасија Центар“ Битола (центар за музика, танц, мода и уметност), каде исто така е професионален вокален педагог, танц инструктор, музички терапевт, едукатор, кореограф и режисер. Ја формира музичката и видео продукција Welcome to Stefanija’s Music World, каде издава авторска музика и е композитор, тексописец и продуцент. Прави интеграција на музичката и танцова терапија во Македонија, основач е на платформата Flow & Movement Concept training.

Се претставува како комплетен артист, пренесувајќи посебен однос кон сцената на современиот македонски уметник.