Промоција на „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски

Сподели

 

Денеска ќе се одржи промоција на „Лето во кое те нема“, новиот роман на Петар Андоновски објавен во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или. Дизајнот на корицата е на Вања Штркова.

Набргу по добивањето на Европската награда за литература за неговиот трет роман „Страв од варвари“, од Андоновски со „Лето во кое те нема“, најавен како првиот квир роман во македонската книжевност, се очекува да ни приреди ново книжевно изненадување.

Промоцијата ќе се одржи на 7 септември (понеделник) од 21 ч. во ShortBus како дел од програмата на Skopje Pride Weekend.

За романот ќе зборуваат Ирена Цветковиќ и Румена Бужаровска.

***
Во однос на универзалните книжевни текови, Андоновски со своите романи го носи големиот свет во македонскиот јазик, промислувајќи го естетски релевантно и актуелно. Она што од една страна е врзаност на авторот со поднебјето, од друга страна се претвора во сензитивна мембрана преку која продираат големите нешта во малата книжевност. Андоновски зафаќа теми кои одамна (или никогаш) не се пишувани кај нас. Другоста, траумите, сексуалноста, престапите, осамите… како ореоли на луѓето од секојдневието. Просторот на делата на Андоновски најчесто не е или само делумно е наш, неговите романи речиси секогаш се населуваат или се поврзуваат со далечното, неодреденото,.. со морето и синиот бескрај и во оваа негова карактеристика се препознава отскокнување од локалното, но само во поетолошко-филозофска смисла. На тој начин, најнашето станува најсветско или обратното – најсветското станува најнаше. Токму во овој спој на нештата е неговата вистинска вредност и посебност во домашната книжевност.
Оливера Ќорвезироска

Во најновиот роман „Лето во кое те нема“ Андоновски повторно ни говори за борбата да бидеш свој, а не она што другите го очекувале од тебе или оној/онаа што си мислел дека треба да бидеш. Да бидеш ти – ти, пред себе, пред оние кои ги љубиш, пред оние кои те љубат, пред оние кои не те разбираат, пред целиот свет, тоа е предизвик за секој кој се обидува да ја осознае својата мисија во светот, но и секој кој упорно си го поставува прашањето „Кој сум јас?“.
Ана Мартиновска

„Лето во кое те нема“ е искрен, интимен и храбар роман кој проникнува во најмрачните и досега неискажаните понори на нашето општество. Оваа моќна приказна, раскажана со препознатливиот питок јазик на еден од нашите најбитни современи писатели, Петар Андоновски, отвора ново, ослободувачко поглавје во македонската книжевна традиција.
Румена Бужаровска

Петар Андоновски (1987, Куманово) е автор на: “Ментален простор” (поезија, 2008), “Очи со боја на чевли” (роман, 2013, три изданија), “Телото во кое треба да се живее” (роман, 2015, три изданија), “Страв од варвари” (роман, 2018, две изданија).
Добитник е на наградата Роман на годината на Утрински весник за романот “Телото во кое треба да се живее” и на Европската награда за литература за романот „Страв од варвари“.