На 14 април (недела), во 12 часот, во НУ Центар за култура Крива Паланка , ќе биде промовирана автобиографската книга „Мојот сон” на д-р Џемиле Берат, псхијатар во пензија, по потекло кривопаланчанка.
Како прва Ромка од Македонија која завршила Медицински факултет, д-р Џемиле Берат во својата автобиографијата се осврнува на својот животен пат, предрасудите со кои се соочува, но и грижата, посветеноста и вербата во себе да истрае и да даде придонес кон хуманоста и грижата за пациентите.
Таа пренесува и важна порака на младите генерации, особено на Ромите, дека со верба, љубов, надеж, посветеност и работливост може да се оствари сонот, дури и во суровите услови на општеството.
Рецензент на делото е Гоце Ристовски, литературен критичар, а промотор ќе биде Марица Николовска, проф. по македонски јазик.
Џемиле Берат е родена 1957 година во Крива Паланка, во сиромашно ромско семејство со шест деца. Основно и средно образование завршила во родниот град како една од најдобрите ученици во генерацијата, а во 1976 година се запишала на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје и била првата Ромка/жена запишана на факултет во Македонија, а и пошироко во тогашните југословенски простори. Дипломирала во 1982 година во редовен рок, а во 1997 година специјализирала психијатрија на Клиниката за психијатрија во Скопје.
Својот работен ангажман како лекар го започнува во Здравствениот Дом во Крива Паланка, а потоа во Бјеловар, Хрватска,каде се сели со сопругот кој е воен лекар и каде заедно работат во Воената амбуланта. По распадот на СФРЈ, во 1991 година се враќаат во Македонија како раселени лица, а д-р Џемиле почнува да работи во Воената болница, подоцна Градска општа болница „8-ми Септември“.
Издавањето на книгата „Мојот сон” е поддржано од Министерството за култура на РС Македонија, а промоцијата е дел од манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата 2024“.