Промоција на поезијата на Руми „Големата црвена книга“

Сподели

На 28 ноември, четврток, од 19:19 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе се одржи промоција на последниот објавен книжевен препев на Драги Михајловски – најновото еднотомно издание на ТРИ од поезијата на Руми, „Големата црвена книга“.

Поезијата на еден од најголемите персиски поети, Џелаледин Мевљана Руми, е мелем за срцето на безброј читатели низ вековите, а од пред некое време можеме да ја читаме и на македонски јазик.

Стиховите на Руми, кои претставуваат непроценливо светско наследство, добиваат дополнителна убавина кога се препеани од големиот мајстор на зборот, проф. Драги Михајловски. Тоа е воедно и последниот превод и препев на кој тој работеше.

Модераторка на настанот е авторката Виолета Танчева-Златева, а за изданието и за преводната работа на Драги Михајловски ќе зборуваат авторките и преведувачки Ана Пејчинова и Ирена Јурчева.

Надминувајќи ги материјалните граници на постоењето, поезијата на Руми ги обликува емоциите во мозаик во кој е претставено целокупното човеково искуство. Дојдете заедно да нурнеме во стиховите за божественоста, за љубовта и страста, копнежот и пријателството, пресликани на македонски јазик на совршен начин. 

Влезот е слободен и поканет е секој кој умее во поезијата на Руми да ги препознае портите за надминување на материјалните граници на постоењето.