Утре на 6 септември, во МКЦ КЛУБ ресторанот во 20 часот ќе биде промовирана збирката раскази „Двојна експозиција“ од Игор Анѓелков, која излезе неодамна како 210 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.
Промотори ќе бидат Ана Мартиноска и Владимир Мартиновски, а вечерта со свој музички настап ќе ја збогати актуелниот скопски бенд „Хајка“.
По третата книга од серијалот со филмска есеистика „Филмотопија“ која излезе пролетта, Игор Анѓелков оваа година на читателите им „подарува“ и ново прозно дело, кое следи по романот „Шрапнел“ од 2020 година. Збирката „Двојна експозиција“ содржи 12 раскази дуално распоредени во шест целини, и нивната содржина го опфаќа целото човеково постоење. Тоа се приказни за растењето, созревањето, бизарноста, кризата на средните години и умирањето.
Промоторката Ана Мартиноска во поговорот кон книгата забележа:
„Немам двојба дека темите кои Анѓелков ги третира ја имаат примамлива моќ да ја заскокоткаат публиката и да не ја остават индиферентна, бидејќи иако не секогаш видливо на прв поглед, расказите на Анѓелков се ангажирани и отвораат актуелни и суштински прашања, како додатна вредност на новата македонска проза. Верувам дека тие ќе ги поттикнат читателите на длабокомислечки и себеспознајни моменти, што впрочем е ултимативната цел на добрата литература“.
Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Веќе две ипол децении активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на филмот, музиката, книжевноста, уметноста… Неговите текстови можат да се прочитаат на www.herojnaedenden.mk. Официјалното книжевно деби го имаше во 2006 година со збирката раскази „Кротки приказни“, a потоа следеа и романите „Крај-пат“ (2010), „Фото синтеза“ (2013), кој беше финалист за „Рациновото признание“, и „Шрапнел“ (2020). Анѓелков зад себе има и три дела од областа на филмската есеистика: „Филм.мкд“ (2015), за која ја доби Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев Јасмин“, „Филмски град“ (2018) и „Филмотопија“ (2022). „Двојна експозиција“ е негова втора збирка раскази.