ПРОМОЦИЈА: „ТРИ ДЕНА ВО ПАРИЗ“ ОД ЕМИЛ КРСТЕСКИ

Сподели

Деновиве во издание на „Или-Или“ излезе од печат збирката раскази „Три дена во Париз“ од Емил Крстески, новинар и прозаист.

Ова е негова прва белетристичка книга, која содржи 15 раскази, во кои навидум се опишуваат вообичаени случувања и односи во животот на луѓето и кои често се испреплетуваат со сонот и фикцијата.

Промоцијата на книгата, на која ќе зборуваат академик Катица Ќулавкова и професор Александар Прокопиев, ќе се одржи на 7 јуни (среда), во 20.00 часот, во Клубот на новинари.   

Академик Катица Ќулавкова, во својот поговор за книгата ќе напише: „Македонскиот современ расказ, оној на 21. век, има потреба да се „урбанизира“ без да биде ’постмодернистички’ наметлив и вкалапен. Во време на масовна и хаотична, социјално вмрежена комуникација, расказот има потреба да биде комуникативен на свој, литерарен начин, има потреба да општи со доминантната матрица на социјалната, и на психолошката стварност на интелигенцијата, затоа што, да не заборавиме, македонската стварност не се исцрпува со изолирани теми, било тие да се историски, рурални, магично-реалистички, лудистички или феминистички теми…Расказите на Емил Крстески се вклопуваат токму во тој мозаик на којшто му недостигаат уште вакви изворни, лично обоени, речиси автофикциски, ама лежерни, симпатични, сугестивни прошетки низ градскиот живот. Живот кој се стреми егзистенцијата да ја соочи со есенцијата.

За збирката раскази „Три дена во Париз“, Александар Прокопиев ќе рече: „Расказите од збирката „Три дена во Париз“ на Емил Крстески, без оглед дали нараторот е во прво или трето лице, ја имаат таа моќ да ве вовлечат во дејствието. Притоа, ако сте внимателен читател, ќе се соочите со впечатокот дека зад описите со кои овој ракопис обилува, тлее некој вид егзистенцијална драма што на многумина од нас ни е заедничка. – За кого писателот пишува?, и веднаш одговараме: – За себе. Но, како и во секоја добра книга, тоа писателско „јас“ постепено станува и дел од нашите „јас“. Се препознаваме во нашите љубови, во обидот да ги вратиме тие некогашни времиња, а тоа се случува, кога сме отфрлени и изгубени. Го има во расказите на Крстески, на еден лежерен, непосреден начин, тоа своевидно „известување“ за протокот на времето, почнувајќи од првиот расказ „Есен“, каде есенската средба со средовечниот сликар во паркот, го вовлекува момчето во магичниот свет на боите, до завршната приказна „Заминувањето на Сликарот“, во која боите повторно имаат буквално и симболично значење. Се затвора кругот на животното трагање со крстопати и слепи патишта, но можеби, почнува исцртувањето на новиот круг, „како ништо и никогаш да не било“.