Промовирана нова поштенска марка по повод 30 години од независноста

Сподели

 

„Имам голема чест денеска, да присуствувам и да ве поздравам на овој свечен настан, промоција на пригодна поштенска марка, со кој, два дена пред големиот празник 8-ми Септември, го чествуваме големиот јубилеј, 30-години независност на нашата татковина”, изјави премиерот Заев.

“Сакам да упатам честитки до претставниците на АД „Пошта на Северна Македонија“, кои ја организираа денешната промоција на пригодната јубилејна поштенска марка, која е издадена според Програмата одобрена од Владата и е дел од Годишната програма за издавање на поштенски марки на Поштата.

Ја користам приликата, да упатам посебна благодарност и честитки и до вработените во Бирото за филателија во рамки на Поштата, кои во текот на годината се заслужни за подготовка за печатење на неколку илјади поштенски марки на различни тематики, кои го отсликуваат нашиот фолклор, култура и други мотиви карактеристични за нашето поднебје.

Верувам дека оваа поштенска марка, која го отсликува нашиот голем тридецениски јубилеј, ќе најде соодветно место во колекциите на филателистите и понатаму со патување во светот преку писмата, ќе биде најдобра промоција на нашата земја и ќе привлекува уште повеќе туристи кои ќе се заинтересираат да ја посетат нашата земја и народ.

Оваа црвена пригодна поштенска марка ќе биде украс на писмата и понатаму ќе биде историски сведок на времето, кога граѓаните на тогашна Република Македонија донесоа историска одлука и глaсаа ЗА независност и ЗА суверенитет.
 
Пригодната марка, која е промовирана денеска, ќе остане своевиден доказ за храбрата и одлучна верба на нашиот народ дека е способен да создаде и да живее во независна, просперитетна и перспективна држава”.