ПРОПАГАДНА ИНКВИЗИЦИЈА – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

При разорувањето на југословенската држава нашата политичка каста, слично како што дезертер кој иако неволно, сепак немоќно се предава на непријателот, дејствуваше повеќе како пасивна резистенција на човекојадната и антимакедонската стварност, отколку како организирана и одговорна политичка свест.

Александар Литовски

Појавата и развојот на тоа чувство на политичка и национална капитулација доведе, кај голем дел на населението, до висок степен на умртвеност на инстиктите за слобода и праведност, односно подлегна на неолибералната политичка сугестија, на напливот на полудесните и десните идеологии и на малограѓанската филозофија. Така живеевме, секојдневно, со ситносопственичката, егоистичната и анархоиндивидуалистичката реторика на нетолерантните политички авантуристи, со збрката создавана од политичката необразованост, етно-партиската демагогија и романтичниот занес на албанскиот и македонскиот национализам. Бунилото на нашите капиталистички дни во дваесет и првиот век, беше достојно за кубистичката сликарска четка на Пикасо.

Идеолозите, печатот, црквата и сите мегафони кои зборуваа и зборуваат од лојната утроба на еден општествен слој што руча луѓе, единки, народи, цивилизации и цели континенти нè убедуваат со својата, со ништо непоткрепена, „професионална“ увереност, дека  живееме „најдобро“ во „најдобриот од сите можни светови“ (Готфрид Лајбниц). Всушност, сенишниот систем, кој тргува со месото и душата на ближниот, политичките измамници и циници кои се занимаваат со доходовна купопродажба на политички уверувања, на идејните определби и на националните идентитетски обележја, со еден збор, сè што претставуваше кај нас политичко-општествена стварност од почетокот на осамостојувањето во деведесет и првата па до денес, сето тоа се покажа како необично добра подлога за цветање на националшовинизмот, антикомунизмот, неофашизмот и за тропање политички глупости од сите видови. Политичките капиталци станаа иницијатори на жестоки политички и правни хајки. Континуираната бесплодна и идиотската дебата во Собранието го разголи парламентаризмот како неефикасен механизам за решавање на проблемите, а партиските војници и, православните и муслиманските, клирици ја одиграа својата традиционална улога на циркуски стомакозборци кои го замајуваат населението и го учат на покорност.

За сето тоа време нашата буржоаска елита околу мршата на нашиот парламентаризам го ѕидаше својот финансиски рај, а пак околу неа, како муви се собираа претставниците на штотуку испилената десна наеолиберална и антикомунистичка интелигенција, која се претвори во пропагандна инквизиција што ужива во ликвидација на умот, правдината и еднаквоста, што ги прогласи за деструктивни феномени и ги третираше и ги третира како елементарна опасност за опстанок на неолибералниот капитализам. Врескањето на овие интелектуални мајмуни нè заглушуваше со години, а деновиве тоа антикомунистичко, анти-антифашистичко крештење станува позачестено и погласно. Покрај тоа, вербалното касапење на македонско национално ткиво врз основа на пробугарските историски небулози и западноевропските „демократски“ принципи се покажа како деликатес на нашата десничарско ревизионистичка и неолиберална трпеза.

За сите што пливаа против неолибералната струја или профашистичката идеологија, нашите политички султани, финасиски бегови и толпата нивни интелектуални евнуси, ги подготвија судниците каде што кадиите обвинуваа и судеа, а останатите идеолошки неподобни субјекти се елиминираа преку медиумски линч, кој катадневно беше спроведуван преку приватните „независни“ медиуми (што, секако, е оксиморонска формулација)

Во време кога и зидовите мрдаат со уши, па дури и кога Големиот Брат отаде Големата Бара, нескриено и јавно, како што покажа Едвард Сноуден, и од вселената ги прислушкува разговорите на луѓето, во време на ефикасно перење на мозоците преку „пропагандата која за демократијата е исто што и насилството за диктатурара“ (како што убаво формулира Ноам Чомски), во време на дезориентирана македонска политичка класа, во време на тотална антимакедонска пропаганда, ние стоиме пред огромните дилеми: Ќе опстанат ли луѓето како Луѓе или ќе бидат целосно претворени во робови кои работат за обезбедување на задоволствата на малкутемина робовладетели? Ќе опстане ли Македонецот како Македонец или ќе стане Бугарин, Србин или Грк? Ќе опстане ли македонската држава или ќе стане некаква безимена и безлична провинција кај некој од соседите? Оттука, во едно вакво страшно време, во кое семоќната неолиберална пропагадна полиција ги лови еретиците кои ја критикуваат суровата стварност, во време во кое пропагадната измама е нормална и, скоро, општоприфатена како вистина, да се зборува против таа полиција и против таквите инквизиторски „вистини“ е храбар и револуционерен чин. Исто како што, во време на жестока и долгогодишна антимакедонска пропаганда од големобугарски и големоалбански националистички позиции и во време на жесток и нетолерантен врховистички и балистички ревизионизам, да се зборува за македонството и антифашизмот е чин на патриотизам и вистинољубивост.