По повод Меѓународниот ден на трудот, во знак на почит на загинатите во Чикаго во 1886 година во штрајкот за осумчасовното работно време, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повикува новинарите на Првомајски протест, со кој бара под итно да запре игнорирањето на проблемот на работните услови на новинарите и медиумските работници.
„Опсесијата на менаџментите за намалување на трошоците и максимализација на продуктивноста доведе до мултитаскинг во континуиран 24 часовен стрес, продавање на текстови под секоја цена, зголемување на здравствени проблеми поради работните услови меѓу кои е и комплетна исцрпеност. Оваа состојба која е секојдневие за многу македонски новинари и медиумски работници се одразува не само врз квалитетот на нивната работа и мотивација, туку е видлива и во општеството кое се помалку им верува на сториите произведени под притисок и се помалку и верува на професијата која веќе стана синоним за слабо платена и лесно коруптивна“, велат од ССНМ.
Од ССНМ потенцираат дека македонските новинари и медиумски работници се платени под државниот просек, трендот на несигурната, прекарна работа е во постојан пораст, не се инвестира во работната сила, а менаџерите, велат тие, воопшто и немаат проблем да говорат за медиумите само како за бизнис заборавајќи ја општествената улога и одговорност што ја имаат.
„Таа комоција на сопствениците на медиумите произлегува од игнорирањето на проблемот на работните и професионални услови кои владеат во редакциите од страна на власта поради што ССНМ одговорноста ја лоцира – таму, во институциите на системот кои се должни да обезбедат атмосфера која ќе поттикнува социјален дијалог и решавање на прашањето за работните услови кои веќе неколку години по ред се апострофирани во сите извештаи за слободата на медиумите во Македонија.
Степенот на слободата не се мери со бројот на медиумите, туку со уредувачката независност, кредибилитет и интегритет на новинарството кое во нив се практикува. А таа не е можна со слабо платени и исплашени новинари и медиумски работници. Обесхрабрени за борба за сопствените права тие нема да нема да можат да бидат гласот на обесправените и чувар на демократијата, а току во тоа се огледа степенот на слободата и демократскиот капацитет на едно општество
Затоа, ги поттикнуваме и охрабруваме сопствениците на медиумите и претставниците на Владата одговорни за овој проблем, да се свртат кон обезбедување услови за потпишување на колективни договори и на ниво на гранка и на ниво на работодавачи со ССНМ“, соопштува Синдикатот.
Инаку, ССНМ годинава повторно е дел од Повелбата за солидарност, заедно со Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ),
Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) и Независниот академски синдикат (НАкС). Со заедничкиот протест се одбележува 110 години синдикализам во Македонија.
Првомајскиот протест започнува од 10:30 часот од скопскиот плоштад Карпошово востание (Филип Втори), а потоа се маршира до Собрание и Влада.