Од недела (21 јуни), кабелските оператори во земјава ќе почнат со времени прекини на реемитувањето на домашните и странските телевизиски канали, со исклучок на Македонската телевизија (МТВ). Операторите тврдат дека протестот е поради неодржливата правна рамка и неприменливите, неодржливи и спротивни на ЕУ директивите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААВМУ), што беа донесени од Собранието во февруари годинава.
– На операторите им се наметна обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат, и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност – велат за „Мета.мк“ од Стопанската интересна заедница на оператори на кабелска мрежа МК НЕТ.
Кабелските оператори се назадоволни и од донесената владина уредба од 29 мај годинава, со која оспорениот член 143 од ЗААВМУ бил надополнет со уште една обврска за регистрирање на сите веќе регистрирани странски програмски сервиси во рок од 60 дена од страна на операторите, под услови уредени во членот 143 од Законот.
– Овој рок ќе истече на 08.08.2020 година кога, доколку најитно не се промени нешто, ќе дојде до целосно исклучување на услугите за реемитување на телевизиски содржини од нашата понуда и настанување на медиумски мрак – посочуваат од Стопанската интересна заедница на оператори на кабелска мрежа МК НЕТ.
„Мета.мк“ доби потврда од „А1 Македонија“ и „Македонски Телеком“ дека ќе се приклучат на временото прекинување на реемитувањето на домашните и странски телевизиски канали.
– Доколку надлежните институции не реагираат на нашиот протестен допис доставен до нив на 17.06.2020, ќе бидеме принудени од 21.06.2020 година, да започнеме со времени прекини во реемитувањето на сите домашни и странски телевизиски програми освен јавниот сервис МРТ во знак на протест поради неодржливоста на сегашната правна рамка и наметнатите неуставни обврски. За време на прекините на екранот ќе ја испишеме причината за истото со цел да ги запознаеме нашите корисници и општата јавност со она што ги очекува на почетокот на август оваа година како резултат на донесената Уредба. Како и досега, ние сме отворени за соработка и подготвени да учествуваме во изнаоѓање на прифатливо решение во најкраток рок – е официјалниот став на „А1 Македонија“.
И од „Македонски Телеком“ потврдуваат дека ќе се приклучат на најавениот протест.
– Операторите се отворени за соработка и понудија предлог за измена на подзаконските акти, кој доколку се прифати ќе биде соодветно решение што ќе го превенира потенцијалниот медиумски и информативен мрак – велат од „Македонски Телеком“.
Најавениот времен прекин на програмата доаѓа во период на почеток на изборната кампања за претстојните парламентарни избори, која почнува на полноќ на 24 јуни. Делегацијата на ЕУ во Скопје во февруари годинава ги повика на дијалог Владата, телеком операторите и националните телевизии во врска со измените на ЗААВМУ.