Преку социјалните мрежи за утре е најавен протест за поддршка на жртвите на родово базирано насилство пред Министерството за внатрешни работи.
“Како загрижени граѓанки и граѓани, феминистки и феминисти, девојки и жени, ве повикуваме на протестен собир овој петок, 17 февруари, од 15:00 часот, пред Министерство за внатрешни работи.
Бараме одговорност од надлежните институции, бидејќи не се чувствуваме безбедно во своите градови: ниту на улиците, ниту во училниците, ниту во болниците, ниту во домот.
Ве повикуваме да го искажаме нашиот револт кон институциите кои треба да нè заштитат од насилство, но очигледно не го прават тоа.
Полициските службеници повторно се покажаа неспособни и недораснати кога станува збор за жртвите на родово базирано насилство. Последниот случај со пријава на сексуален напад, кој во медиумите стана познат како „дивиот таксист кој ѝ избега на полицијата” по илјадити пат укажа на истите недостатоци на институционална поддршка на жртвите кои пријавуваат родово засновано насилство. Овој случај е еден од многуте во кои видовме како системски и општествено се потфрла кога станува збор за безбедноста и благосостојбата на девојките и жените во земјата.”