Протести во Белград и Нови сад против победата на Вучиќ

Сподели

Повеќе илјади граѓани, претежно млади и без партиски обележја вчера се собраа пред српскиот парламент, незадоволни од изборните резултати, за изборот на Александар Вучиќ, за нов претседател на Србија. Демонстрантите целосно го блокираа сообраќајот пред парламентот, а потоа започнаа со марш низ Белград.

Тие се организираа преку фејсбук групата „Протести против диктатурата“. Насобраните скандираа „Вучиќ крадецу“, „Кражба“, „Готов е“, „Не те сакаме Вучиќ“, „Оставка“, но немаше никакви транспаренти.

Бидејќи гласовите се уште се пребројуваат, има шанса за втор круг, а ако се стигне до него, протестите ќе им послужат на трите милиони лица кои не гласале, се наведува во групата на Фејсбук.

Неколку стотини граѓани се собраа  и во Нови Сад, на протестот наречен „Војводина против диктатурата“, каде што искажаа незадоволство од, како што велат, неизлегувањето на гласање на половина од нивните сограѓани.

Тие ги повикуваа граѓаните да продолжат со протестите и да ги организираат и по помалите места низ Србија, наведувајќи дека тоа е „прва битка во војната за подобра иднина“ и дека ништо не се решава за еден ден, а особено не диктатура.

https://youtu.be/m-Rz-X5v5og