Околу 1.500 деца бегалци од бегалските кампови низ Грција денеска почнуваат со часови во 20 грчки државни училишта. Децата ќе имаат часови секој ден, попладне од 14 до 18 часот, откако ќе заврши редовната настава во училиштата.
Децата бегалци со автобуси ќе бидат пренесувани од бегалските центри до училиштата и ќе имаат часови по мајчин јазик, грчки и англиски или друг странски јазик, како и предмети како математика, физичко или музичко за децата да може полесно да се интегрираат во грчкото, а подоцна и во општеството во државата каде сакаат да продолжат.
Првиот школски ден за децата бегалци не помина без проблеми. Вчера група родители ставија катанец на портите на училиштето во Лезбос каде треба да бидат примени дел од децата, во знак на протест зошто не биле навремено известени дека токму тоа училиште е одбрано да биде „бегалско“ училиште. Катанецот, сепак, беше тргнат денеска и на бегалците им беше дозволено да се приклучат на наставата.
Протест против одлуката децата бегалци да се интегрираат во училишата покрај грчките деца, денеска организираа и родителите во солунската населба Ореокастро, каде во текот на викендот се одржа и националистички протест против исламизацијата на грчкото општество, кој ескалираше со судири меѓу националналистите и група анархисти.