Во Скопскиот кривичен суд денеска ќе биде соопштена првата пресуда за случајот на СЈО, познат во јавноста како „Насилство во Центар“.
Пресуда ќе добие советникот во Општината Центар од ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Лазаров, кој на минатото рочиште ја призна вината и изјави дека чувствува длабоко каење. Тој изјави дека за признанието немал никакви притисоци ниту од полицијата ниту од СЈО.
Обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека признанието е изненадувачко, но и позитивно.
Во случајот за насилството во Општина Центар обвинети се вкупно 14 лица, од кои првообвинет е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а веднаш по него е екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски. Обвинета е и тогашната советничка во советот, а сега пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова. За нив, како и за останатите обвинети судењето продолжува, додека за Лазаров постапката беше раздвоена по признавањето на вината.