Пучдемон: Планот на шпанската влада ќе создаде сериозна вонредна ситуација со одемањето на автономијата на Каталонија

Сподели

Каталонскиот лидер Карлес Пучдемон изјави дека кризата во Шпанија ќе ескалира доколку централната власт го реализира планот за преземање на управата над Каталонија.

„Планот на шпанската влада ќе создаде сериозна вонредна ситуација со одемањето на автономијата на Каталонија“, навел Пучдемон во писмото до шпанскиот Сенат, кој денеска во 17 часот треба да ја разгледа примената на членот 155 од Уставот, кој предвидува преземање на институциите, полицијата и на финансиите на Каталонија, во случај регионот да не се откаже од прогласување независност.

Потпретседателот на Каталонија, Ориол Жункерас, вчера изјави дека шпанските власти не им оставиле опции на властите на тој регион освен да продолжат со прогласувањето на независноста.

Шпанскиот министер за правда, Рафаел Катала, инсистира на тоа дека прогласувањето на независноста нема да биде законски валидно и дека ќе има последици од криминална гледна точка.

Според пишувањето на каталонските медиуми, каталонскиот лидер Карлес Пучдемон повика на итен состанок на својот кабинет со поголемите граѓански организации и оние кои се залагаат за независност. Состанокот е закажан за утре.

Пучдемон вчера изјави дека не планира да се појави пред шпанскиот Сенат за да ги одбрани своите ставови за независност на Каталонија и се спротивстави на мерките на централната влада да се распушти регионалната влада.