Претседателот Стево Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, на покана на албанскиот претседател Бајрам Бегај, престојува во работна посета на Република Албанија.
За време на престојот, претседателот Пендаровски оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај и е во посета на општините Пустец и Подградец.
По посетата на заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски“ „Трајан Ѓоргијовски“ во Општина Пустец, претседателот изјави:
„Денеска сум тука во ова училиште за да дадам јас придонес, носам одредена количина книги на македонски јазик – нашите класици Блаже Конески, Петре, М Андреевски, Живко Чинго итн. На тој начин сакаме да помогнеме македонските деца да го знаат да го зборуваат македонскиот јазик и така да бидат постојано во контакт со својата татковина“, изјави Пендаровски.
Претседателот на Албанија Бајрам Бегај од друга страна посочи дека општината Пустец е позитивен пример за партнерските односи на двете земји.
„Се разбира дека македонското малцинство во општината Пустец и Албанците во Северна Македонија се многу важни за односите помеѓу двете земји. Албанците во Северна Македонија се многу добро интегрирани во општеството, придонесуваат во создавањето на државата и се активни и во политичкиот и економскиот живот“, рече Бегај.
Предвидена е културно-уметничка програма во изведба на уметници од Пустец, по што претседателот ќе оствари средба со локалните власти и ќе ги посети црквата Св. „Архангел Михаил“.