Работна средба помеѓу Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР и ДИК

Сподели

 

Претставници на Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР, на чело со Шефот на Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР, Лаима Андрикине, беа на работен состанок со членовите на Државната изборна комисија, во седиштето на Комисијата.

Поради фактот дека Предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 15 јули 2020 година, се одржуваат во специфични околности кои ги предизвика новонастанатата состојба со Коронавирусот, целта на овој состанок беше да се разгледаат сите активности кои ќе бидат преземени од страна на Државната изборна комисија за да се овозможи фер и демократски процес, како и изборен процес кој ќе ги заштити сите учесници.

Имајќи го предвид тоа, Државната изборна комисија истакна дека доследно ќе работи согласно законската рамка, со сите донесени акти од страна на Комисијата, кои ги опфаќаат сите изменувања и дополнувања на Изборниот законик, како и согласно мерките и препораките донесени од Владата на Република Северна Македонија и протоколите донесени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, ги информираше Претставниците на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, дека е донесен Ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија за спроведување на предвремените избори, како и дека се продолжени активностите за ажурирање на Избирачкиот список. По однос на спроведување на гласањето за овие избори информираше дека истото ќе трае три дена, односно започнува на 13 јули 2020 година, каде ќе гласаат лицата кои се наоѓаат во домашен карантин поради позитивен тест на  COVID  – 19 и лицата кои со решение издадено од Државниот здравствен и санитарен инспекторат се наоѓаат во домашна самоизолација. За спроведување на гласањето на 13 јули 2020 година, Државната изборна комисија ќе формира посебни избирачки одбори составени од здравствени работници предложени од Министерството за здравство и лица предложени од политичките партии. На 14 јули 2020 година ќе гласаат болни и немоќни лица, како и хронично болните лица. На 15 јули 2020 година ќе се спроведе гласањето кое ќе трае до 21:00 часот. Лицата кои после 8 јули 2020 година се тестирани и позитивни на COVID -19 нема да можат да го остварат правото на глас. За оваа цел Државната изборна комисија врши проверка на избирачките места, како би се обезбедиле поголеми простории за денот на гласањето, онаму каде што постои можност, а таму каде што не постои таа можност да се обезбедат услови согласно мерките, препораките и протоколите, за заштита од Коронавирусот.

Истовремено, Оливер Деркоски, претседател на Државната изборна комисија, информираше дека се продолжува со задолжителна обука на изборната администрација и повторно ги истакна резултатите кои овие обуки ги имаа на претходните избори.

Меѓу другите теми се разговараше и за прашањето за начинот на распределба и користење на финансиските средства за платено политичко рекламирање, обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија, за радиодифузерите, печатените медиуми и електронските поратли (Интернет порталите) кои ќе обезбедуваат платено политичко рекламирање за учесниците во изборната капмања.

Претставниците на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, укажаа дека нивната задача е набљудување на изборите и на овие избори ќе работат согласно мерките и препораките за заштита од Коронавирусот. Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе биде присутна до 27 јули 2020 година кога ќе дадат извештај и следни препораки за понатамошните избори.

Отворената соработа помеѓу двете страни останува и понатаму и Државната изборна комисија ги покани Претставниците на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР да учествуваат во сите активности кои Комисијата ќе ги презема, за да согласно законите, прописите, протоколите и транспарентноста оваа соработка обезбеди успешен изборен процес.