Работната група за подготвување на Предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот, за потребата од уставни измени со кои Бугарите и другите народи треба да бидат вметнати во Уставот, денеска едногласно го усвоила Деловникот за работа.
Николовска изјави дека Деловникот е едногласно усвоен и отсега натаму веќе сите формално-правни околности, проблеми, елементи, нема да бидат проблем со оглед на јасноста и прецизноста.
„Мандатот на членовите на работната група не е неограничен, туку е во насока на европскиот предлог за продолжување на евроинтегративниот процес, во насока на решението на министерот, кое, пак влече од заклучоците на Собранието и меѓународно преземените обврски на државата“, рече Цаца Николовска, појаснувајќи дека надлежноста на групата е да направи драфт на нацрт-документот и да го достави до предлагачот, кој потоа ќе го достави до Собранието.
Во наредните два дена Деловникот ќе биде објавен на страницата на Министерството за правда и јавноста ќе може да го оцени.
Маргарита Цаца Николовска ја отфрли можноста работната група да расправа за други интервенции во Уставот, пред сè оние што се однесуваат на јазиците на другите етнички групи и на формулацијата „20 проценти“, како што бараа дел од албанските политички партии.