Радев: Македонските Бугари да бидат запишани во Уставот

Сподели

 

Бугарскиот претседател Румен Радев на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Словенија изјави дека сè додека Бугарите во Македонија подлежат на суптилна асимилација и им се потиснати основните права во однос на другите нации, Бугарија нема да каже „да“ за почеток на преговорите со ЕУ, пренесува бугарската агенција БГНЕС.

Претседателот Радев изјавил и дека очекува македонските Бугари да бидат запишени во Уставот на Северна Македонија, а додал дека, исто така, очекува да се признае „историската вистина“, како што била признаена „историската вистина со Грција“.

Според него, ова не е вето, ниту е запирање на процесот на ЕУ интеграција на земјава, туку Бугарија сакала да се почитуваат основните европски принципи и интересите на секоја земја-членка на ЕУ.

„Нашите европски партнери се повеќе ја разбираат суштината на проблемот со Северна Македонија. Ова е систематска дебугаризација, систематско уништување на бугарското културно и историско наследство, децениски процес на преродба“, изјави Радев од Крањ.

На Самитот на ЕУ за Западен Балкан присуствува и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев каде освен со претседателот на Република Бугарија Румен Радев оствари заедничка средба и со претседателот на Република Франција Емануел Макрон и канцеларката на СР Германија Ангела Меркел.