Радио МОФ објавува конкурс на тема “Да бев премиер/ка, јас ќе…”

Сподели

 

Што би направиле за младите ако на еден ден бевте премиер/ка? Ако мислите дека го имате одговорот на ова прашање, ве повикуваме да се приклучите на нашиот нов конкурс.

Радио МОФ во рамки на кампањата „Критика за политика“ објавува конкурс на тема „Да бев премиер/ка, јас ќе….“, со кој од вас бараме, во една минута да ни кажете што ќе направите за младите ако сте премиер/ка на еден ден. Бараме едноминутна аудио снимка, направена од обичен мобилен телефон или лаптоп, каде ќе посочите проблем и побарате/понудите решение за него.

Оттука, прво поставете си го прашањето – што е она што сакам да го сменам во земјава за на сите да ни биде поубаво, потоа направете кус концепт и снимете го аудио парчето со ваш глас. Потоа снимката пратете ни ја на инфо мејлот на Радио МОФ info@radiomof.mk. Најдобриот и најдосетлив предлог ќе биде награден.

Аудио снимките може да бидат снимени на македонски или албански јазик, со должина од околу една минута. Слободно бидете досетливи и креативни и гласно кажете кој според вас е најголемиот проблем кој треба да се реши во земјава. Снимките во кои ќе има говор на омраза, навреди или клевети нема да бидат разгледувани.

Снимките може да ги пратите во форматот во кој ги зачувувате на вашиот мобилен телефон или компјутер, со ваше име и презиме или под псевдоним на info@radiomof.mk, најдоцна до 20 ти јуни 2021 (недела) со назнака „Награден конкурс Критика за политика“. Заедно со снимката потребно е да оставите број на вашиот мобилен телефон, за да ве контактираме ако сте добитник на наградата.

На победникот на конкурсот ќе му биде доделен вредносен ваучер од 100 долари, за ИТ опрема.

Дел од снимките ќе бидат искористени во едно од следните изданија на подкастот „Мегафон“, на Радио МОФ. Доколку се потребни дополнителни појаснувања, пишете ни на info@radiomof.mk.