Образованието на младите генерации е клучот за успех и подобра иднина на секое општество и држава. Притоа треба да се внимава на изработката на секој учебник, на секој збор и реченица, а ова особено се однесува на учебниците по Историја, од кои покрај за процесите во минатото, учениците учат и создаваат слика за себе, но и за другите луѓе. И од тој аспект наставните содржини во учебниците мора да бидат секогаш потпрени на факти, без неточни и неправилни содржини кои создаваат предрасуди и стереотипи, изјави Зеќир Рамчиловиќ.
Но, за жал сеуште во нашите учебници има такви содржини, што ме натера да поднесам претставки до повеќе инстанци, меѓудругите и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, односно поднесов Барање за поведување на постапка за отстранување на несоодветни содржини во учебниците по историја на 22.10.2019 година.
Правдата може да е бавна, но секогаш излегува на виделина како и вистината. Пред некој ден го добив Мислењето од Комисијата донесено на 17.02.2022., кое исто така е објавено и на нивната веб страница со кое СЕ УТВРДУВА ВОЗНЕМИРУВАЊЕ врз основа на етничка припадност и религија или верско уверување во областа на образованието. Моето Барање со кое треба да се отстранат несоодветни содржини во учебниците по историја се однесуваат на Бошњаците и на Босна и Херцеговина и истите за жал ги има повеќе од кои во Мислењето се прифатени 5 забелешки во 5 различни учебници.
Комисијата врз основа на законот има обврска да препорача начин за отсранување на дискриминацијата. И истата од Министерството за образование и наука бара да постапи и да ја отстрани повредата на правото на еднаквост во рок од 3 месеци и за тоа да ја извести Комисијата. Односно МОН преку Педагошката служба да ги отстрани несоодветните содржини во учебниците по Историја кои се однесуваат на Бошњаците и Босна и Херцеговина.
Изготвувањето на учебници е сериозен процес, и секој треба да си ја врши својата работа, бидејќи по авторот има и други инстанци кои ги проверуваат учебниците и содржините. За проблемите со учебнците дискутиравме и на Комисијата за образование и наука, но за жал дел од пратениците водени од дневно-политички интереси сеуште не го сфаќаат сериозно проблемот кој остава долгорочни последици.
За мене како пратеник и припадник на бошњачкиот народ, како граѓанин на РС Македонија е од исклучително значење да се почитуваат правата на бошњачката заедница, но и на секоја друга етничка заедница, права и обврски регулирани во Уставот и законите на Република Северна Македонија кои се во интерес на правилен равој на младите луѓе, додаде Рамчиловиќ.