И покрај редовното и континуирано празнење на садовите за комунален отпад според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад, ЈП Комунална хигиена – Скопје се соочува со сериозен проблем. На дневна основа, се јавува тенденција за масовно одлагање на отпад на јавни површини и формирање на диви депонии, што сериозно ја загрозува животната средина и јавното здравје.
Во текот на вчерашниот ден, екипите на ЈП Комунална хигиена спроведоа вонредна активност за расчистување на дива депонија, создадена од непрописно одложен отпад на ул. “Лука Геров” (во близина на градинката “Пампурче”) во населба “Даме Груев”, општина “Ѓорче Петров”. Оваа акција беше неопходна за враќање на јавната површина во претходната состојба и спречување на понатамошно создавање на слични проблеми.
Во овој контекст, апелираме до сите граѓани да се придржуваат до правилата за одлагање на комуналниот отпад. Секој отпад треба да се одлага исклучиво во контејнерите и да се избегнува оставање на отпад околу контејнерите. На тој начин, ќе се придонесе за одржување на чистотата и уредноста на нашата околина и ќе се спречат формирање на нови сметишта и диви депонии.
Вашата соработка како граѓани е клучна за зачувување на чистата и здравата средина!