Кубанскиот претседател Раул Кастро побара „да биде ставен крај на економската, трговската и финансиска блокада на САД“ против Куба.
Тој ова го изјави на самитот во Венецуела на Движењето на неврзаните, соопшти агенцијата Пренс Латина, пренесува ТАСС.
Во говорот, кубанскиот лидер ја осуди „непријателската политика, која со својот екстериториален карактер предизвикува штета и на други земји“. Покрај тоа, Кастро побара на Куба да и биде вратена територијата незаконски окупирана од поморската база на САД во Гвантанамо, посочува ТАСС.
За нормализирање на односите со САД, рече тој, освен крај на блокадата и враќање на Гвантанамо, потребно е да се стави крај на политиката на кршење на суверенитетот на Куба, на пример преку субверзивни програми и мешање во внатрешните работи.