Мариела Кастро, ќерка на кубанскиот претседател Раул Кастро, изјави дека наследникот на нејзиниот татко на местото претседател на државата би можел да ги изненади жителите на оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Кастро изјави дека нејзиниот татко во февруари наредната година би требало да се повлече од функцијата шеф на државата и најави изненадување.
„Понекогаш, на момент погледнувате околу себе и велите ‘на тоа лице никогаш не сум помислила’. Секогаш постојат изненадувања“, изјави Кастро.
Наследникот на Раул Кастро ќе биде именуван на Конгресот на Комунистичката партија на Куба.
Раул Кастро го наследи својот брат Фидел на позицијата шеф на државата во 2006 година. Се претпоставува дека на неговото место би требало да дојде актуелниот помошник на Кастро, Мигел Дијаз Канел. Во случај да биде избран за претседател, тоа ќе биде првпат од 1959 година па наваму, претседателската фотелја да ја преземе некој надвор од семејството Кастро.