РАЗЛИЧНОТО Е ДОБРО – Гордана ПОПСИМОНОВА

Сподели

timthumb-1

РАЗЛИЧНОТО Е ДОБРО
Биднаа големите протести на 20 јуни. Беа големи не само затоа што имаше многу луѓе, туку, пред сé, затоа што тие луѓе беа различни, а сепак, премногу слични. Се разликуваа по возраста, полот, социјалната состојба, етничката припадност, партиската определба, сексуалната ориентација, идеолошката матрица и по кој знае уште што, а се совпаѓаа само во две работи. Прво, на сите до еден режимот им е збоктисан до коска и, второ, никој не се срами од својата различност. Напротив, се гордее. Што е иманентна особина на секое свесно битие кое е родено како слободна единка. И сака да живее како такво.
Протестот беше организиран од здруженијата Протестирам и Шарена револуција, а доби поддршка и од најголемата опозициска партија, СДСМ. На масовните демонстрации учествуваа членови и симпатизери на СДСМ и на други опозициски партии, активисти на Протестирам и Шарена револуција, како и огромен број граѓани излезени по своја волја, сопствено убедување и лична желба. Настанот помина како што помина, а според мене ја исполни својата основна и суштествена цел – демонстрираше масовност во незадоволството од актуелната власт, како и храброст и решителност да одговори на провокациите и навредите од лидерот на владејачката партија, изречени ден претходно. Со еден збор – во лицето на протестот од 20 јуни, целата домашна и меѓународна јавност имаше неповторлива прилика да ги види и согледа размерите на незадоволството на македонските граѓани од Груевски и неговата владејачка клика.
А бидејќи сите сме различни, различно го доживеавме и протолкувавме протестот. За некои од нас, тој беше исклучително ефективен, за други од нас, тој беше неубедлив затоа што беше премногу мирен, за трети од нас, требаше да биде поагресивен, за четврти од нас, СДСМ не требаше да се појави, за петтите од нас, пак, Заев требаше да им се обрати на граѓаните. Сигурна сум дека има и шести и седуми и седумнаести мислења. Зовреа дебати на социјалните мрежи, се вкстија аргументи и противаргументи, понекаде светнаа и искри и понекоја навреда, нечија суета се повреди, нечии нерви потпопуштија, ама така е тоа, кога сме различни.
Да се разбереме, нашата слобода е во нашите разлики и во доблеста јавно да ги искажеме и јавно да се исконфронтираме. Без тоа нема демократија, нема напредок, нема иднина. Како ќе знам дека сум во заблуда, ако некој не издебатира со мене? Како ќе знам дека сум во право, ако некој повторно не издебатира со мене? Како ќе знам дали тоа што го правам е добро, исправно и полезно, ако некој не издебатира со мене.
И токму затоа, драги владини медиумски комесари и кројачи на туѓото мислење, немојте премногу да се радувате дека сме се испокарале меѓу себе. Ние сме меѓусебно различни во сфаќањата, проекциите, начините, формите и методите за уривање на вашата власт, ама сме единствени во целта. А тоа е уривањето на вашата власт.
Светлосни години не’ делат од вас, потчинетите, поткупените, понижените, навредените и уценетите. Вас кои за уши ве влечат да стоите на жешкото сонце ѓоамити давајќи му поддршка на градоначалникот на Битола, кои ве товарат како помурки за да правите гужва на собирите и митинзите на ГДОМ и ве уценуваат со пари или работно место да му аплаудирате на лудиот пастир. Вие кои не смеете да писнете, да прашате, а не дај боже, да се побуните.
Парадоксот е во тоа, што ние се бориме и за вашата слобода, се бориме против изворите на вашата преплашеност, се бориме против креаторите на вашата сервилност и потчинетост. Затоа нашата борба ја нарековме револуција, бидејќи она што го бараме, а тоа се промените во поимањето на слободата, власта и државата, се токму такви – револуционерни.
Дали меѓу вас некој има храброст да биде различен? Да се посомнева во патриотизмот или чесноста на врхушката на ДПМНЕ? И јавно тоа да го каже?