Реакција на ДСЗИ за “ПРОМЕДИКА”: ДСЗИ ги извршува своите законски надлежности неселективно

Сподели

 

Државниот санитарен и здравствен инспекторат изминатите денови не сакаше да се инволвира во политика и да реагира на партиски обвинувања засновани на невистини. Но, со оглед на тоа што тие невистини можат да создадат погрешна слика во јавноста, сметаме дека е неминовно да се изнесат фактите кои некој ги заборавил пред да почне да обвинува, се наведува во соопштението на ДСЗИ.

“Во интерес на вистината како директор и институција должна сум да ги изнесам сите фази од споменатиот предмет. Имено, во врска со извршените инспекциски надзори од страна на ДСЗИ во ПЗУ Поликлиника од специјалистичко-консултативна здравствена дејност Промедика Медикал центар–Скопје, Ве известуваме за следното:

На ден 25.07.2018 год. од страна на екипа на ДСЗИ извршен е вонреден инспекциски надзор во ПЗУ Поликлиника од специјалистичко консултативна здравствена дејност Промедика Медикал Центар – Скопје, при што е констатирано дека установата врши интервенции кои се надвор од дозволата за работа;

Врз основа на констатираната фактичка состојба издадено е решение ИП1 бр.09-461 од 25.07.2018 год. со кое на директорот на приватната здравствена установа МУ СЕ ЗАБРАНУВА вршење на хируршки интервенции-катаракта се до добивање на дозвола за работа од Министерството за здравство ;

На ден 24.08.2018 год. извршен е контролен инспекциски надзор по издаденото решение при што е констатирано дека СЕ ПОЧИТУВА ЗАБРАНАТА – не се вршат хируршки интервенции за катаракта .

На ден 24.08.2018 год. ДСЗИ со допис бр. 08-1510/2 го известува министерот за здравство за констатираната фактичка состојба по извршените инспекциски надзори;

На ден 28.11.2019 година ПЗУ Поликлиника од специјалистичко-консултативна здравствена дејност Промедика Медикал центар – Скопје се здобива со решение за дозвола за вршење здравствена дејност на нова организациона единица по офталмологија бр.УП1 11-228 издадено од Министерството за здравство;

Во издаденото решение наведено е дека се исполнти услови по однос на простор, опрема и кадар и тоа:

-простор од 2 ординации, 3 простории за дијагностика, просторија за опрема, чекална, санитарен јазол со 2 кабини, 2 простории за интервенции од 36м2 и 118м2.

-опрема со која располага здравствената установа, меѓу кои и Megarton s4 HPS- фако апарат за преден и заден сегмент, Bausch& Lomb Stelaris PC- фако апарат за преден и заден сегмент, анестезиолошки апарати Leon plus, систем за снимање и архивирање на операции, стерилизатор, осум комплети за фако, систем за чист воздух, агрегат.

-Кадар, д-р Наумче Трпеноски –специјалист офталмолог како одговорен носител на дејност и медицинска сестра

Во прилог на решението е и листата на услуги според која е дозволено да се вршат на интервенции во локална анестезија.

На барање на министерот за здравство д-р Беким Сали на ден 24.08.2022 година извршен е вонреден инспекциски надзор при што е констатирано дека установата работи согласно наведеното решение за дозвола за работа.

Врз основа на претходното уште еднаш истакнуваме дека ДСЗИ ги извршува своите законски надлежности неселективно, водејќи се при своето работење исклучиво од законските надлежности како и јавниот интерес.
И во иднина стоиме на располагање да ја информираме јавноста за секој аспект од нашата работа во временски рокови детерминирани од расположивите кадровски капацитети на инспекторатот”, се наведува во соопштението.