Безмалку 2.000 граѓани, ученици и наставници, членови на граѓански здруженија и невладини организации, минатиот месец го посетија Собранието на Република Северна Македонија и ја искористија можноста да се запознаат со функционирањето и организацијата на законодавниот дом, да ги разгледаат најрепрезентативните простории и сали и да научат повеќе за историјата и за законодавниот процес.
Парламентарниот институт во ноември 2023 година организираше посети на вкупно 39 групи со вкупно 1.943 посетители, така што до месец декември годинава Собранието го посетија вкупно 9.353 посетители од целата земја и странски гости.
Посетите се во рамки на воспоставената практика за отвореност на законодавниот дом кон јавноста и кон граѓаните како носители на суверентитетот и со цел зајакнување на транспарентноста и на отчетноста на институцијата.
Едукативната активност „Отворен ден на Собранието“ е наменета за граѓани, ученици, наставници, студенти и сите други заинтересирани посетители кои сакаат да ја разгледаат собраниската зграда која претставува историско обележје на македонската државност и место каде работат пратениците.
Обиколките ги спроведуваат професионални водичи на македонски, албански и англиски јазик и тие се бесплатни за сите посетители.
Сите кои се заинтересирани да бидат дел од организираните обиколки на законодавниот дом, може да се јават на телефонскиот број 02/3182-227 или да поднесат барање на електронската пошта на parl.inst.@sobranie.mk.