Почна собраниската расправа за предлогот за утврдување одговорност за претседателот Ѓорге Иванов, поднесен од СДСМ и од нивните коалициски партии, а за збор се пријавија речиси сите пратеници. Предлогот го образложи Рената Дескоска од СДСМ, која рече дека со аболиција на 56 лица, Иванов прекршил неколку членови на Уставот и за тоа треба да сноси одговорност.
– Живееме во услови на тешка политичка и уставна криза. Криза во која Собранието и судовите престанаа да си ја вршат својата функција, а институциите се покорија на желбите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Една од тие институции е и институцијата Претседател на државата. Со поднесување на аболициите, тој само долеа масло на огнот и сакаше да ги затвори вратите за решавање на кризата, а со нивното повлекување, господинот Иванов призна дека згреши, но тоа не го амнестира од одговорноста. Напротив, Иванов со повлекувањето на аболициите требаше да си поднесе и оставка – рече Десковска.
Пред пратениците се обрати и претседателот на ресорната комисија, Зоран Илиоски, кој рече дека предлогот за поведување постапка за утврдување одговорност на претседателот Иванов не е основан и дека, според комисијата, Иванов не ги прекршил Уставот и законите туку само работел според своите надлежности.
Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, побара претседателот Иванов пред пратениците да ја образложи својата одлука за поднесување на аболициите и за нивно повлекување. На ова претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, му одговори дека до Иванов е упатена покана, но тој не мора да ја прифати.
Пратеникот Горан Мисовски, пак, побара Иванов да си поднесе оставка и на крајот на октомври или на почетокот на ноември заедно со предвремените парламентарни избори да се одржат и претседателски.
Седницата на која се расправа за отповикувањето на Иванов сè уште трае.
Речиси сите пратеници се пријавија да говорат за импичментот на Иванов