Во пресрет на утрешниот референдум, денеска гласаат болните и изнемоштени лица, затворениците и лицата во домашен притвор, како и македонските државјани во странство кои се пријавиле за изјаснување.
Во 69 од 80 општини пријавени за гласање се 1.859 болни и немоќни лица. Членови на избирачките одбори ќе ги посетат нивните домови каде што болните и изнемоштените лица ќе го остварат правото на глас.
Гласањето во странство ќе се одвива во 33 дипломатско-конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на Република Македонија, а пријавени за гласање се вкупно 2.694 македонски државјани.
Ќе се гласа во ДКП-та во Берн, Венеција, Љубљана, Виена, Торонто, Лондон, Бон, Хаг, Берлин, Мелбурн, Канбера, Брисел, Стокхолм, Париз, Рим, Копенхаген, Вашингтон, Детроит, Прага, Абу Даби, Белград, Подгорица, Анкара, Атина, Букурешт, Истанбул и Будимпешта.
Најмногу пријавени за гласање има во Берн 321, Венеција 264, Љубљана 217 и во Виена и Торонто каде изјаснување ќе има за по 151 македонски државјанин. Најмалку, 10, се пријавени за гласање во Будимпешта, 13 во Истанбул, 14 во Букурешт и 15 во Атина.
Доколку некој од пријавените граѓани за гласање во ДКП-та за референдумот допатувал во Македонија, нема да може да го оствари тоа право во земјата бидејќи неговото име ќе биде во посебните изводи од Избирачкиот список наменети за дијаспората. Гласањето во дијаспората започнува во 7 часот наутро и завршува во 19 часот по локално време.
Во казнено-поправните установи во земјата треба да гласаат 1.558 затвореници и лица кои се во притвор.
Денеска треба да гласаат и седум внатрешно раселени лица.
Во средата, пак, гласаа членови и заменици членови на избирачки одбори кои отпатуваа во дипломатско-конзуларните претставништва на земјата во странство.
Право на глас на плебисцитарното изјаснување утре имаат 1.806.336 гласачи, запишани во Избирачки список. Според одлуката донесена од Собранието на Република Македонија, прашањето за референдумот гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“. Гласачите ќе треба да заокружат „за“ или „против“ со хемиско пенкало во сина боја. МИА