Зрели ли се Македонците за избор на европска иднина?
„Секоја година си велам, доста е, одгодина не варам ајвар. Ама, пусто, не ми се откажува. Ќе ти дадам една тегла да пробаш? Што се смееш?”
„Знаете, смешно е што секој во Скопје овие денови зборува само за зимница. И секој ми нуди тегла ајвар, за по пат, за во Германија! Смешна е и сликата на задимениот и на пиперковина замирисаниот град. Одам низ градов и се смеам. Цел град чади! Овде, изгледа, навистина времето се движи наопаку. Или владее некоја друга перспектива. Можеби таа перспектива навистина не е толку западноевропска”, вели раскажувачката Демиана, млада Македонка, родена во Германија, во мојот роман „Жените Гаврилови”, во сцената што се одигрува во скопската сезона на варење ајвар. Централната тема на романот „Жените Гаврилови” е прашањето на културниот идентитет воопшто, но, особено, на идентитетот на луѓето во Македонија и на Македонците што заминале во Западна Европа.
Всушност, прашањето за културниот идентитет на Македонците денес е уште поактуелно од тогаш, пред десет години, кога го пишував романот. Каков е тој културен идентитет? Европски или ориентален? Што е Македонија – Западна Европа или западен Ориент? Во романот го дадов мојот одговор на оваа дилема раскажувајќи ја фикционалната приказна на една даровита млада Македонка, Ника Гаврилова, со сета душа предадена на македонската ткајачка традиција, која во дваесеттите години на минатиот век оди да студира во Десау, на прочуената уметничка академија Баухаус. Во класата за ткаење, под раководство на прочуените сликари, професори на академијата, Паул Кле и Јоханес Итен. На Баухаус навистина имало класа за ткаење. Секако, досега во историјата на Баухаус, со која се занимавам откако живеам во Германија, не сум наишла на студентка од Македонија. Но, затоа имало студентка од Хрватска, Еврејката Оти Бергер. Затоа и приказната во романот за македонска студентка на Баухаус делува сосем логично. Американскиот професор по литература, Ендрју Вахтел, во својот есеј за романот, под наслов „Вредностите на Гаврилови”. напиша дека Македонија наместо кај Александар Македонски, визијата за вредностите што ќе ја однесат во Европа треба подобро да ја побара во ликовите како Ника Гаврилова.
Во романот Ника Гаврилова е симбол за творечкиот, културниот потенцијал на Македонија. Таа е шифра за културното наследство на Македонија. Симбол за нејзините цркви, за нејзината посебна охридска и крушевска градба на куќите. За македонските килими и носии, за македонскиот филигран и за македонската неповторливо убава керамика. За сите тие вредности е симбол предаденоста на Ника Гаврилова на разбојот и на ткаењето, на волната и на вапцањето. ”Жените Гаврилови” се парадигма за тие образовани, култивирани, даровити Македонци во Западна Европа кои, уште пред војната, трагале по синтезата на македонската традиционална вештина со модерната западноевропска уметност. За жал, тие вештини во Македонија денес не се надградуваат и унапредуваат. Тие воопшто не се развиваат по урнекот на модерните европски текови. Меѓутоа, за да се сака Западна Европа, треба уште дома, во Македонија, да се копнее по тоа што го поседува Западна Европа, За да се стане Европјанин, треба да се има што да се донесе во Европа од својата татковина. За да се знае својот сопствен културен идентитет, треба да се познава, почитува и негува сопственото културно наследство. Таков народ поседува свест за својата посебност не како митологија и кич во стилот на Скопје 2014. Таков естетски образован народ, поседува културна самосвест за себе и за својата историја преку нештата кои му се оставени во наследство. Тие естетски вредности би им откриле на Македонците повеќе можности да го надградуваат својот културен идентитет во европски рамки, отколку митологијата и кичот на „Александроманијата”. Таков народ не остава да пропаѓаат фреските од светски прочуените византиски цркви во Македонија, додека политичарите трошат милиони евра за да направат од Скопје светски симбол на кич и невкус.
На кои традиции може денешна Македонија да се надоврзе во потрагата по визија за нејзината иднина во ЕУ? На архаиката на варењето ајвар на отворено или на стремежот на најдаровитите луѓе од времето пред Втората светска војна? За нив, имено, симболот за културата и науката, за демократијата и слободата отсекогаш била Западна Европа. Македонските борци за слобода, идејните водачи на старото ВМРО, студирале и докторирале во големите европски културни и политички центри. Интелигенцијата која потекнувала од целата територија на Македонија во времето на Османското владеење била воспитувана и образована во Западна Европа. Таа можела по образованоста да се мери со европската интелигенција. Нејзините демократски, слободарски идеи таа ги црпела од модерните демократски достигнувања во Западна Европа. Оттаму таа нив подоцна ги донела и меѓу населението во Македонија.
За разлика од денешните политичари на ВМРО, некогашните прочуени личности од историјата на револуционерното движење во Македонија, и кога биле комити, биле високи интелектуалци, по урнекот на европските борци за слобода. Напротив, денешните политичари во Македонија, кои се врзуваат само за името ВМРО, но и сите други националистички партии, одлично виреат во балканскиот провинциски дух на раздори и расцепи, на авторитарна политика, на корупција и распад на сите вредности. Како, тогаш, такви политичари, би можеле на своите сограѓани да им кажат да гласаат за Договорот од Преспа, со кој би се отвориле вратите за нивната евроинтеграција?Стравот на македонските популистички политичари од европските критериуми, тие им го сугерираа и на граѓаните, манипулирајќи со нивната животна несигурност, беда и сиромаштија, за која причинител се токму тие политичари.
Конечно, може ли еден народ сосила да се „внесе” во Европа, ако тој е воспитан во неа да гледа само завера и зло? Може ли тој да сака да биде дел од нешто, за кое има претстава дека е спротивност на него самиот? Може ли да се стане Европјанин, а да не се надмине македонскиот менталитет? Може ли да се придобие довербата на еден народ за Европа, ако тој уште, како во архаичната слика за светот во минатото на Македонија, во неа гледа само стопански придобивки, за кои, порано, печалбарите оделе во Америка? Тој народ ќе остане сомничав кон Европа дури и да живее со години во неа. Тоа го потврдува синдромот на македонската дијаспора. Таа во „големиот свет” остана провинциска, со идеализирана, кичесто-романтизирана слика за татковината.
Вчера, на денот на Референдумот, прочитав некаде дека „бојкотирачите”, „македонските патриоти”, „бранителите на името” симболот на нивниот пркос кон Европа, која, божем, со Договорот сакала да ги натера да извршат „колективно самоубиство”, го нашле токму во ајварот. Денот на Референдумот станал празник на ајварот. Тоа ме натера да ја препрочитам сцената во романот, која ме инспирира за оваа колумна. Мојата прва асоцијација е дека пркосењето со ајварот за противницте на Договорот е бегство во архаика и ритуал. Бегство од страв. Од исконски, ирационален страв од промена. Впрочем, варењето зимница е архаичен ритуал. Тој е исконска слика на племето и родот. Крај ќумбето е огништето. Тоа секогаш сугерира заштита. Заштита од што? Од стравот. Од промената и од непознатото. Заштита од стравот од промената на името на државата. А можеби и од стравот од Европа. Стравот од вредностите на Западна Европа. Впрочем, ЕУ е симбол за вредностите, културни и политички, на Западна Европа. Пред десет години бев инспирирана да ја напишам сцената со варењето зимница по улиците на половинамилионскиот град Скопје токму од една новинска вест, во која се велеше дека македонските граѓани се плашеше дека во ЕУ ќе им било забрането на варат зимница на отворено. Психонализата би можела да открие во овој симбол на пркосењето на опозиционерите и противниците на Договорот со ајварот и зимницата многу интересни нешта за нив самите.
Ајварот за Македонците кои избраа да останат домав е шифра за одбрана од стравот од промената на менталитетот, промена на своето, на познатото. Таквата промена секогаш се асоцира со вакви историски одлуки или општествени пресврти. Само храбрите личности мислат во поинакви категории. Затоа што имаат визија. Затоа што копенат по новото и невиденото. Тие копнеат по храната што никогаш не ја вкусиле – во непознатото. Ајварот, пак, е шифрата за македонскиот анахроничен карактер. Тој противречи на модерниот европски живот. Противречноста меѓу тој ајвар-менталитет на Македонците и модерниот западен свет станува јасна кога патувате со авион од Скопје за Германија. Наесен, во сезоната на пиперките и зимницата. Тогаш, додека чекате во огромните, како аптека чисти, како геометриски слики структурирани аеродромски хали на подвижната трака да се појави вашиот багаж, во сезоната на ајварот Во Македонија се случува од некој стар, изветвен куфер, врзан со пластични врвци, да почнат да испаѓаат црвени и зелени пиперки. Плодовите, кои на македонските пазари во есен се најблагиот симбол за Југот, за топлината и сонцето, таму, во модерната хала, стануваат небаре надреалистичка слика. Таму некаде, во тој празен простор помеѓу пиперките во куферите и оние на скопските пазари треба да се смести менталната матрица на „бојкотирачите”. Не би ме чудело кога токму тие гастарбајтери најмногу се идентификувале со „лозинката” ајвар на противниците на Договорот. Идеализираната, фанатичната, митолошка слика за Македонија во нивните глави и срца се токму пиперките во тој, од патувања искинат куфер, врзан со врвките купени во Германија. А во него, најдрагоценото од татковината. Пиперките. За зимницата.
Може ли едно општество да гласа за нешто како визија што им ја нудат политичарите, кога тоа од неа стравува дека ќе му го одземе најближното – македонскиот менталитет? Ајварот е дефиниција на македонскиот менталитет. Тој е и дефиниција на македонското преживување во беда и сиромаштија. Тој не е само негативна шифра, тој е и достоинството на сиромашните. А Македонија е земја на сиромашни, но, достоинствени луѓе. Со нивното достоинство овојпат манипулираа неодговорните, некадарни политичари како Мицковски, кои, притоа, за да биде сарказмот уште поголем, правеа се‘ само да ги спасат своите по корупција прославени сопартијци од заслужената казна затвор. Тоа е вистинската трагедија на македонската актуелна општествена криза. Многу чесни, достоинствени граѓани, кои во овие триесет години ја изгубија довербата во сите партии, останаа само со својот страв и со својата сиромаштија. Ним им се чини посигурно секоја година со факсификувани шенген-визи и бугарски пасоши да одат на берба на јаболка во Северна Италија или на работа на црно на градилиштата во Германија, но стравуваат дека Владата на Заев со Договорот ќе ги прелажела и ќе им го одземела идентитетот.
Со тој страв, од беда и сиромаштија, од резигнација и неукост, манипулираа сите партии кои влијаеа на граѓаните да не гласаат за Договорот. Затоа симпатизерите на ВМРО заборавија дека Владата на Груевски инстистираше на гласањето на референдум како инструмент на народот. Затоа тие не можеа да препознаат дека со симболот на нивниот скромен живот, вековната формула на преживувањето во Македонија – зимницата – ги манипулираат и интелектуалците на десницата, кои се далеку од беда и чии деца одамна живеат или студираат во тој Запад, каде децата на најсиромашните Македонци можат да одат само да работат на црно. Како јаболкоберачи, чистачи, ѕидари. Затоа обичните граѓани не можеа да согледаат дека се излажани од лицемерните душегрижници во опозицијата. Затоа тие не можеа да согледаат колкав е кукавичлакот на еден претседател на републиката, кој избега во Америка, наместо да е со својот народ. Тоа е сликата на македонската исконска разединетост. Сѐ додека трае оваа состојба, сѐ дотогаш Македонија останува закопана до гуша во нејзината анахроничност – во архаичната слика за македонската самодеструктивност. За таа Македонија е историски успех кога, пред да дојде зимата, таа успеала да свари ајвар. Наместо да излезе и да гласа за подобра иднина на својата држава. За среќа, гласот на тие што гласаа е погласен од оној на тие што останаа дома. На тие, скриените од историјата во својот архаичен, вечен молк – крај ќумбето за зимница.
Кица Колбе