Референдумот ќе го следат 383 домашни и 286 странски набљудувачи

Сподели

Референдумот за договорот со Грција на 30 септември ќе го следат 383 домашни и 286 странски набљудувачи, објави Државната изборна комисија.

Најмногу акредитирани домашни набљудувачи имаат Цивил-Центар за слобода – 282, Националниот ромски центар Куманово – 46 и Инклузива 40, МОСТ ќе го следи референдумот со 12, а Здружението ЕДУЛСЈ со тројца набљудувачи.

Од странските набљудувачи најбројни се на ОБСЕ-ОДИХР – 188, на Амбасадата на САД – 35 и Мисијата на ОБСЕ во Скопје 12 набљудувачи.

Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе го следи референдумот со осум набљудувачи, Амбасадата на Велика Британија со девет, амбасадите на Франција, Албанија и Унгарија со по шест, амбасадите на Турција и на Косово со по четири, Меѓународната фондација за изборни системи-ИФЕС и Комитетот за отворена демократија со по тројца набљудувачи, а двајца набљудувачи ќе има невладината организација The Earth Saviours Foundation.

За следење на референдумот се акредитирани и 47 странски новинари.

Рокот за поднесување барања за акредитации за набљудување на референдумот истече ноќеска на полноќ.