Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ во ЕП ја презентираа новата Декларација „Европско ВМРО-ДПМНЕ за Европска Република Македонија“

Сподели

Членовите на Иницијативата за внатрепартиски реформи во ВМРО-ДПМНЕ Александар Михајлоски, Петар Богојески, Костадин Богданов и Драган Лазаров беа на работни состаноци во Европскиот парламент во Брисел, Белгија и остварија повеќе средби со политичари од Европскиот парламент.

Во изминатите два дена, претставниците на Иницијативата остварија низа средби со членови на Европскиот Парламент од Европската Народна Партија (ЕPP), која е воедно и најголемата група во Европскиот Парламент и сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ.

На средбите беше презентирана новата Декларација „Европско ВМРО-ДПМНЕ за Европска Република Македонија“ и Декларацијата за демократизација и модернизација на ВМРО ДПМНЕ, како визија за промовирање на вистинските демократски вредности во ВМРО-ДПМНЕ и нејзино зајакнување, како и силни заложби и поддршка за Евроатлантскиот пат на Република Македонија.

-” Средбите што ги имавме во Брисел ја покажаа поддршката која ја имаме, не само меѓу членството во ВМРО-ДПМНЕ, туку и кај политичарите од сестринските партии во Европа. Оваа поддршка недвосмислено кажува дека партијата треба да се реформира како предуслов за деизолција и враќање на угледот на ВМРО ДПМНЕ, кој во изминатите години беше нарушен со погрешни политики” – истакна Александар Михајлоски.