Регионален настан за инклузивно образование во Тетово „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“

Сподели

 

Во рамки на третата проектна кампања на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унијаденес се одржа шестиот регионален настан во општина Тетово на кој присуствуваа претставници од општини, училишта, невладини организации, општествено одговорни компании и медиуми од полошкиот плански регион. 

Проектниот менаџер, г-ѓа Бранка Џајковска во својата презентација зборуваше за инклузија и инклузивно образование и спроведените активности во овој регион“Подобрување на инклузивноста во редовните основни училишта  и поддршката за учениците со попреченост е во сржта на Проектот. Работевме многу во полошкиот регион, а напорите и средствата беа насочени кон обезбедување на месечни стипендии за 54 редовни ученици со попреченост од овој регион, како и 5 обучени тутори за работа со овие ученици, а во 4 училишта се одржани обуки за градење на инклузивни тимови. Исто толку училишта имаат добиено грантови и пакети за поддршка за купување на соодветни наставни материјали, изградба на сензори соби и инклузивни игралишта.”

Целта на овој регионален настан е да се поттикнат локалните чинители да ги продолжат активностите кои се веќе започнати со проектот и да обезбедат континуитет на практиките кои веќе докажано ја подобруваат инклузивната клима во училиштата.

Назми Даути, раководител во секторот за јавни дејности во Општина Тетово изјави дека оваа општина, во соработка со невладините организации, работи на неколку проекти за подобрување на пристапноста во училиштата.

“Ние како локална самоуправа ќе бидеме отворени за соработка со сите институции и невладини организации и здруженија за да можеме да обезбедиме целосна инклузија за учениците со посебни образовни потреби. Оваа година веќе сме при крај со опремување на сензорната соба во ООУ Братство – Миѓени и дополнително при планирање на буџетот на општината за следната ќе се обидеме да обезбедиме средства за подобрување на пристапноста на останатите училиштата, да набавиме дидактички материјали и да опремиме повеќе сензорни соби.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ има за цел да придонесе кон обезбедување рамноправен пристап на децата со попреченост до квалитетна настава и пристапна и стимулативна средина за учење и го спроведуваат Фондацијата „Чекор по чекор“, заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, а се реализира вo соработка со Министерството за образование и наука.