Сведоци сме дека јавната хигиена во градовите и во руралните средини е на ниско ниво. Главни причини се недоволната опременост и ефикасност на комуналните претпријатија, но и ниската свест на граѓаните за проблемите со дивите депонии и ѓубриштата. За да се подобри управувањето со отпадот треба да се воспостават осум регионални системи за управување со отпадот, како и да се модернизираат и реформираат општинските комунални претпријатија. Истовремено, граѓаните треба да се едуцираат за да се подигне нивната свест, за да не се создаваат ѓубришта и да се започне со поинтензивно селектирање на отпадот. Сето ова е предуслов за развивање на циркуларната економија што се промовира во Европската унија.
Еден од моите приоритети како државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, како логично продолжение на мојот претходен ангажман во граѓанскиот сектор, е создавањето на сите предуслови најпосле да се воспостават регионалните системи за управувањето со отпадот. Започнавме со Источниот и Североисточниот плански регион за кои со техничка помош од Европската унија е подготвена проектна документација што опфаќа изградба на една регионална санитарна депонија во Светониколско и друга инфраструктура, затворање на непрописните комунални депонии и ѓубришта и набавка на камиони, канти и контејнери. Изборот на локацијата на депонијата и на претоварните станици е базиран врз стручни и научно-технолошки критериуми. Инвестицијата со вкупна вредност од 37 милиони евра ќе обезбеди дека сите објекти, постројки и опремата што ќе се набави ќе бидат во согласност со европските стандарди и критериуми.
Воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпадот сепак е поврзано со бројни предизвици. На пример, финансирањето на пристапни патишта до регионалната санитарна депонија што се планира во близината на Свети Николе, не беше опфатено со грантот од ЕУ. Затоа интензивно работиме со Министерството за финансии, Јавното претпријатие за државни патишта, Министерството за транспорт и врски и Светска Банка, за да обезбедиме финансиски средства да се рехабилитираат постојните и да се изградат нови пристапни патишта.
Работиме на подигање на свеста на локалните власти и граѓаните за тие да направат разлика помеѓу постојните ѓубришта и современите објекти за управување со отпадот за да се надмине нивниот првичен отпор од лоцирањето на регионалната санитарна депонија или претоварните станици во нивното соседство. Работиме и на основање на меѓуопштинско јавно претпријатие што ќе управува со објектите што ќе се градат. Голема поддршка добиваме од канцеларијата на Европската делегација што ја следи и по потреба се вклучува во комуникацијата со засегнатите страни.
Решавањето на овие предизвици не беше лесно, но можам да кажам дека во овој момент ризикот да ги изгубиме предвидените 37 милиони евра неповратни средства го сведовме на минимум. Реализацијата на инвестицијата ќе се интензивира започнувајќи од наредниот месец. Имено, во јули 2019 година ќе започне набавката на нови камиони и контејнери за сите општини во споменатите два региона, што се очекува да им овозможи на сите граѓани да добијат поквалитетна и навремена услуга за собирање на отпадот, со што, пак, ќе се спречи создавањето диви депонии.
До крајот на годинава е планирано да започне процесот на затворање на непрописните депонии, а во текот на идната година се очекува да започне изградбата на првата регионална санитарна депонија, што ќе ги исполнува стандардите на Европската Унија. Исто така, до крајот на годинава ќе се започне со реформи во однос на формирањето на цената за управувањето со отпадот, ќе се градат капацитетите на комуналните претпријатија и ќе се организираат обуки на стручни лица кои ќе управуваат со регионалните објекти.
Сите овие активности на Министерството за животна средина и просторно планирање укажуваат дека сме на прагот на реализирање на првиот проект за воспоставување регионален систем за управување со отпад и справување со дивите депонии во земјава, што искрено се надевам дека ќе биде успешно спроведен до крај. Тоа значително ќе придонесе и за развивање на зелената економија, како и за заштита на животната средина и здравјето на луѓето.